Самит на ОБСЕ во Скопје: Блокирани улици, затворени институции и училишта

Од:

Македонија ќе биде домаќин на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ што ќе се одржува во Скопје од денеска до 1 декември, на кој се очекува да присуствуваат околу 1000 делегати.

На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Иако засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров, аналитичарите не ја исклучуваат можноста за разговори за евентуално решение на конфликтот во Украина.

Американскиот државен секретар Блинкен доаѓа денеска, а учеството на ОБСЕ ќе го почне со билатерална средба со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

За доаѓањето на шефот на дипломатијата на Руската Федерација Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.

По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

На министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.

Министерскиот совет ќе започне вечер со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите – учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за Министерскиот состанок.

Поради одржувањето на министерскиот состанок, Владата одлучи денеска работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот, а утре да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, како и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град. Воедно, дел од сообраќајниците низ градот низ кои ќе минуваат странските делегации ќе бидат затворени за сообраќај.

Почнувајќи од денеска од 13 часот до завршување на Министерскиот совет повремено ќе бидат затворени за сообраќај одредени улици како што се булеварот „Илинден“ од крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“ до крстосницата со ул.„Љубљанска“ и бул.„8 Септември“, од крстосницата со ул.„Скупи“ до крстосница со бул.„Партизански одреди“.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во зависност од потребите, може да бидат затворени и други улици и апелираат до граѓаните на трпение и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.

– Здравствените установи и градинките во Скопје денеска и утре ќе работат вообичаено, иако утрешниот ден е прогласен за неработен за државната и јавната администрација поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Би можело да ве интересира

Заврши Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, постигнат консензус за идниот претседавач, но не и за буџетот

Лавров за Бугарија: Луѓето во Македонија имаат право да бидат еднакви со сите во Европа, имам топли чуства за вас

Орце Костов

Лавров за изолирањето на Русија во ОБСЕ: Јас сум тука во Скопје, а Блинкен избега како кукавица

Орце Костов

Лавров: ОБСЕ реагира само за луѓето за кои има интерес, не се работи за сите луѓе како што тврдите во слоганот на Османи

Орце Костов

Кулеба заради Лавров не доаѓа на самитот на ОБСЕ во Скопје

Автобусите утре во Скопје редовни, в четврток по саботен возен ред