Интегрален текст од прес конференција на претседателот на ОО ЛДП Гевгелија, Тихомир Ручкоманов
Советот на општина Гевгелија на дневен ред на наредната седница, за прва точка го има предлог-кварталниот извештај за извршување на општина Гевгелија, за периодот јануари-септември 2016-та година, додека како втора точка го има ребалансот на буџетот на општина Гевгелија за 2016-та година.
Податоците од централниот извештај, како и проекциите на ребалансот на буџетот се поразителни и загрижувачки за општинските финансии, како за периодот што следува, така и за фискалната 2017-та.
Имено, основниот буџет за 2016-та година до 30-ти септември 2016-та година е реализиран во висина од 140.296.131 денари или загрижувачки 29,4% од планираното.
Тука сакаме да Ве информираме дека основниот буџет за фискалната 2014-та година 175.193.026 денари, додека пак за фискалната 2015-та година изнесуваше 215.423.061 денар.
Овие податоци ни укажуваат дека основниот буџет за 2016-та година ќе се реализира под нивото на основните буџети од 2014 и 2015 година. Од друга страна, долгот само за доспеаните, а не подмирени обврски од буџетот до 30-ти септември, 2016-та година изнесува 64.374.256 денари, а за споредба, истиот на 31-ви декември 2015 година, изнесуваше 70.519.178 денари. Овие податоци ни укажуваат дека доспеаните обврски на буџетот за 2016-та година многу веројатно ќе ја надминат границата од 100.000.000 денари, или повеќе од 50% од реализираниот буџет за 2016-та година.
Нашата реакција при разгледувањето на првата ставка од буџетот на општина Гевгелија за 2016-та година кажува дека општината е на работ на ликвидноста, но и реакцијата по вториот квартален извештај на буџетот на општина Гевгелија за 2016-та година заклучивме дека е потребен итен ребаланс на буџетот на општина Гевгелија во висина од 400.000.000 денари.
До денес, не добивме реакција од градоначалникот Иван Франгов. За жал, денес можеме само да констатираме дека општина Гевгелија е во сериозни финансиски проблеми.
Несоодветните образложенија, како за кварталниот извештај, така и за буџетот на општина Гевгелија за 2016 година, не ја откриваат структурата на долгот на општината односно големината на таканареченото “позитивно должење“ за рентабилни инвестиции, како и големината на неподмирените тековни обврски од изминатиот период.
Господине Франгов, бидете доблесен и одговорете им на граѓаните на општина Гевгелија, ако минатата 2015-та година буџетот на Гевгелија оствари вкупно приходи од 429.508.3245 денари, додека пак до 30-ти септември оваа година, за тековната 2016-та година има остварено вкупно приходи во износ од само 293.730.936 денари, Ве прашуваме, од кои извори, согласно предложениот ребаланс, планирате да остварите приходи од неверојатни 746.719.206 денари?
Вашето несоодветно трошење на буџетски средства, лошто менаџирање со ресурсите и потенцијалите на општината ја доведува општината во сериозни финансиски проблеми. Лошото менаџирање на општинските пари нема да ги изгасне светлата по улиците, но со сигурност ќе ја влоши состојбата на истите.
Почитувани членови на Советот на општина Гевгелија, ЛДП Гевгелија, во име на сите граѓани, Ве повикува да го прекинете понатамошното задолжување на општината и веднаш да ги консолидирате финансиските текови на буџетот на општината за тековната 2016-та година и да ги имате предвид за проектирањето на буџетот за 2017-та година.
Искрено се надеваме дека ќе ги надминете партиските наредби и одговорно пред граѓаните, чии претставници сте, ќе го стопирате понатамошното задолжување на општината. Напоменуваме дека сериозно задолжениот централен буџет ќе ги намали приходите од дотации кон локалните буџети, додека приходите од донации се веќе намалени и доколку дозволите долгот да достигне ниво од 100.000.000 денари до 31.12.2016, ќе станете соучесници во неодговорното менаџирање со општинските пари и ќе ја доведете во прашање ликвидноста на буџетот.