Една од работите со кои денеска разговарав со претставниците на властите во земјава се начините како САД можат да и помогнат на Владата со своите аналитички капацитети и техничка помош во справување со ширењето на дезинформациите, изјави денеска специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин.
Рубин посочи дека на средбите со премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиерот Артан Груби и владините министри, разговарале за начините на препознавање и идентификување на проблемот со ширењето на дезинформации и пронаоѓањето одговори.
– Тие одговори не може да дојдат само од една земја, туку од многу земји заедно, бидејќи информациите се проточни и се шират низ информацискиот простор. Решението ќе биде многу поуспешно, доколку многу земји застанат заедно и заеднички зад тие политики и практики, изјави Рубин.
Нагласи дека пред земјава сега претстои одлука за уставните измени, откако во минатото беше принудена да донесе многу тешки одлуки, дури и да го промени името за да стане членка на НАТО, посочувајќи дека се надева оти Владата ќе го има потребното политичко лидерство за да ги преземе неопходните чекори за да ја однесе земјата во ЕУ.
Според него, легитимно е некој да изнесува свое мислење и да не се согласува со таквите одлуки, но доколку се шират дезинформации и пропаганда, тогаш ќе биде многу тешко да се води нормална политички дебата за прашања како што е промената на Уставот.
– Сигурен сум дека има некои во регионот и во Кремљ, што не сакаат да видат напредок по ова прашање и сакаат да ја оневозможат Северна Македонија да напредува кон европските институции и мислат како да направат проблеми, изјави Рубин, изразувајќи надеж дека Владата во соработка со САД ќе може да создаде сеопфатен пристап, инфраструктура и закони за справување со ширачите на дезинформации.
Рубин најави оти наскоро ќе ја посети Бугарија, во која иако е земја членка на НАТО и сојузник на САД, има, како што рече, „многу загадувачи“ кои шират разни приказни, манипулации, па некогаш дури и лаги.
Тој посочи дека Западен Балкан е место каде што проблемот со дезинформации е реален и токму затоа едно од неговите први патувања од стапувањето на должност специјален пратеник и координатор на ГЕЦ од пред три месеци е токму посета на регионот.
Рубин ја посочи Русија како главен извор на тие дезинформации, кои потоа преку центар во Србија се шират и промовираат низ регионот, вклучително и во земјава.
– Тоа е предизвик кој тешко се препознава, но постојат надежни знаци. Тоа е дека оваа Влада ги препознава како закана и сака да работи со нас за нивна идентификација и за создавање на институционални капацитети за справување со овој проблем, порача Рубин.
Според него, Западен Балкан помина процес на трансформација од конфликти, војни и сиромаштија во период на нормализација на односите меѓу земјите од регионот и за понатамошен напредок од клучно значење би било и нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.
– Тоа бара тешки одлуки од политичките лидери. Тие направија некои тешки одлуки, но ќе мора да донесат и други тешки одлуки. Лидерството се мери според резултатите и јас би сугерирал да ги донесат тие тешки одлуки, со цел луѓето да имаат полза од тоа што ќе бидат дел од Европа и целосно интегрирани во европските институции, НАТО, ЕУ, Советот на Европа, рече Рубин.
Тој нагласи дека ќе треба да мине долго време за да можат луѓето во регионот да простат и да заборават, но ќе треба да научат да живеат заедно и да ги почувствуваат придобивките на модерна Европа, за што ќе треба да се донесат тешки одлуки за нормализација, но и за справување со затруеноста што доаѓа со ширењето на дезинформации што ги трујат нормалните држави.
– Има надежни работи за нормализација и за подобра иднина на регионот, но таа надежна иднина може да биде затруена со дезинформации, што можат да предизвикаат поделби меѓу луѓето, истакна Рубин.
Целта на Русија, како што оцени, е да предизвикува поделби меѓу државите и народите со ширење на лаги и пропаганда и претставување на работите „црно-бели“ за да не можат луѓето да го видат јасно агресорот и жртвата при руската агресија на Украина, потенцирајќи дека тоа не е војна на рускиот народ, туку на претседателот на Русија, Владимир Путин.
– Одговорните влади не дозволуваат нивните земји да бидат ширачи на отров. Труењето со информации е загадување и тоа мора да се исчисти, порача Рубин.
Според него, ширењето на дезинформации во информацискиот простор не може целосно да се спречи, но мора да се најдат институционални начини за нивно ограничување.
– Морам да кажам дека проблемот со дезинформациите е голем проблем, бидејќи Русија и Кина се долго ангажирани и трошат многу средства во информациската сфера. Немам илузии дека ова е лесно решлив проблем. Тоа е главен предизвик, реална закана, изјави Рубин.
Тој посочи дека Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) е нова институција што ја формирала американската Администрација, бидејќи препознала дека борбата против дезинформациите е голем предизвик, за кој се уште ги нема сите одговори.
Рубин нагласи дека Западот мора да се соочи со тоа и да најде начини да се справи со оваа закана, како што се соочува и со климатските промени, тероризмот, неширењето на оружје за масовно уништување, посочувајќи дека новите појави бараат и нови решенија.
– Работиме на нови решенија, политики и практики. Работиме со Владата тука, работиме со ЕУ, на политики и практики, кои нема само да ни овозможат подобро да одговориме на овие дезинформации и информатички манипулации кога ќе се случат, туку и на нивните извори. Тоа се главно авторитарни режими кои ја гледаат информациската сфера како место за конкуренција и конфронтација со нас, додаде Рубин.