Велигденските празници и продолжениот викенд се на прагот. Тие претставуваат добра можност да се отпатува на некоја блиска туристичка дестинација, на планина, на езеро, кај пријатели или роднини. Продолжениот викенд и празничните денови значат и погуст сообраќај, зголемен интензитет и фреквенција на патиштата, а тоа влијае за зголемување на бројот на сообраќајни незгоди од кои некои и со фатални последици. Водејќи се од тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира на внимателно возење, дисциплинирано и смирено учество во сообраќајот.
Патувањата се најинтересни кога се договараат спонтано, но времето и начинот на договарање не треба да бидат причина да тргнете на пат неподготвени. Затоа, најпрвин потребен е добар одмор на возачот, техничка проверка на возилото, проверка на притисокот на гумите, проверка на бришачите, на светлата, на маслото во моторот, а исто така посебно важно е да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено правилата за ограничување на брзината, правилата за неуправување моторно возило под дејство на алкохол и прописите за правилно престигнување.
Оние што патуваат на поблиските туристички места најчесто ги користат локалните и регионалните патишта и треба да имаат предвид дека, освен возила, на овие патишта за време на празниците има голема фреквенција на пешаци, велосипедисти и на мотоциклисти. РСБСП потсетува – бидете особено внимателни, приспособете ја брзината кон условите на патот и бидете максимално концентрирани за време на управувањето со моторното возило.
Алкохолот е една од водечките причини за сообраќајни незгоди, особено во период на продолжени викенди и празници. Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува на правилото дека: волан и алкохол се комбинација што може да заврши со фатални последици и смрт.
Младите возачи и возачите почетници најмногу страдаат во сообраќајни незгоди за време на продолжен викенд, а најчеста причина за тоа е брзото возење и возењето под дејство на алкохол. Честопати во вакви ситуации станува збор за сообраќајни незгоди со само еден учесник (излетување на возилото од патот, удар во бетонски столб итн.). Во оваа насока Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги советува младите возачи: сообраќајот не е место за импровизации и компромиси, сообраќајот не простува грешки и секоја непромислена одлука или непромислена реакција може да резултира со фатални, долгорочни и ненадоместливи последици. РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да ги разбудат позитивните навики и да бидат позитивен пример за другите учесници во сообраќајот. Истовремено, потсетува дека почитувањето на сообраќајните прописи е најважното правило во сообраќајот поради што возачите не треба да дозволат моментите за празнување да се претворат во трагедија.