Семејствата на четирите Роми, кои ненадејно умреа во македонските затвори, ја тужат Управата за извршување санкции, како и Министерството за здравство, за дискриминација во нивниот пристап до здравствена нега и заштита, што резултирала со смрт на членовите на нивните семејства. Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) ќе ги застапува и веќе поднесе колективна граѓанска тужба пред Основниот суд Скопје 2 на 29 март 2018 година.
„Андријас Реџепов (21), Јусинов Ердал (25), Суткие Мустафова (46) и Беким Демир (39) починале минатата година во македонските затвори поради отсуство на квалитетна медицинска нега и надзор од затворскиот персонал. Андријас Реџепов и Јусинов Ердал умреле од предозирање со комбинација од метадон и бензодијазепами, иако ниту еден од нив не бил вклучен во програмата за метадонска терапија. Беким Демир наводно умрел од труење со таблети ’празине’ кога му била дадена некоректна доза од страна на медицинскиот персонал. Суткие Мустафова умрела кога нејзините претходни здравствени компликации биле игнорирани и таа била обвинета дека ја лажира болеста поради што персоналот ја повлекол навремената медицинската нега. За време на аутопсијата, во телото на Суткие била пронајдена висока доза бензодијазепами. И Управата за извршување санкции и Министерството за здравство се одговорни за обезбедување квалитетна здравствена нега на затворениците. Семејствата ги тужат овие институции за директна и индиректна дискриминација бидејќи лошиот квалитет на здравствената нега во македонските затвори диспропорционално влијае на ромските затвореници“, информира ЕЦРП.
Организацијата почнала да го истражува диспропорционалниот број ромски затвореници што умираат во Македонија. Според податоците што ги добиле од Управата за извршување санкции, Ромите претставуваат 16 отсто од затворската популација во Македонија, а истовремено претставуваат и 50 отсто од смртните случаи во затворите во 2017 година (четири од осум). „Кога Беким Демир умре на 25 декември 2017 година, тој беше четвртиот Ром што умрел таа година. Тогаш одлучивме, заедно со семејствата на починатите, дека мора да го изнесеме нашиот случај пред суд што е можно побргу за да спречиме смрт на други ромски затвореници“, велат од ЕЦРП.
„Сè што овие семејства сакаат е вистината“, вели Сенада Сали, правник од ЕЦПР, која ги застапува семејствата. „Повеќе од нив дури не добија ниту копија од извештајот од аутопсијата. Тие се фрустрирани, сакаат да знаат зошто нивните сакани умреле и сакаат оние што се одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата“.
Необезбедувањето соодветна здравствена нега за затворениците, посебно за оние од ромска националност, претставува прекршување на членовите 5 и 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминацијата. Исто така, тоа претставува прекршување на членовите 9 и 39 од Уставот, членот 46 од Законот за извршување санкции и членот 2 (право на живот) во врска со членот 14 (заштита од дискриминација) од Европската конвенција за човекови права.
„Овој случај е само првиот чекор кон добивање правда за овие семејства. Позитивна пресуда со која се утврдува дискриминација од страна на властите ќе ни овозможи овој случај да го однесеме понатаму вклучувајќи и надомест за семејствата. ЕЦПР смета дека доказите за институционално насилство врз ромските затвореници во Македонија се преголеми за да бидат игнорирани. Оваа колективна тужба и другите случаи што се водат пред Европскиот суд за човекови права ќе ги искористиме за да побараме промени во системот и правда за семејствата на ромските затвореници кои непотребно умреа минатата година“, се наведува во соопштението.