За четири дена на сајтот vakcinacija.mk за вакцина се пријавиле вкупно 1.789 деца. Во понеделникот Министерството за здравство ги повика родителите да ги пријават децата за вакцина со најава да се пријават до четврток, за вакцинацијата да почне од понеделник следната недела. Ваквиот повик од Министерството ги затече родителите кои се на одмор надвор од земјава или пак планираат да одат во следниот период, па поради тоа не можат да ги пријават децата за вакцинирање, иако се согласни тие да се заштитат од Ковид – 19.
„Веќе испланиравме патување надвор од земјава кога слушнав за повикот и деца да се вакцинираат. Во недоумица сме дали да го одолжиме патувањето поради вакцината или ќе ни дозволат и следниот месец да го пријавиме детето за вакцина“, се пожалија родители на дете кое ги исполнува условите да добие вакцина.
Од Министерството за здравство уверуваат дека нема простор за двоумење оти родителите и покрај тоа што овој рок истече, ќе можат во континуитет да ги пријавуваат децата за вакцина, а освен тоа и термините ќе бидат флексибилни.
„Термините за вакцинација на деца нема да бидат отворени само четири дена, туку ќе продолжат во континуитет. Пријавувањето за вакцинација на деца е поради планирање и организација на вакцинирањето, односно специфичноста на вакцината на ’Фајзер’. Децата ќе се вакцинираат исклучиво со оваа вакцина, а бидејќи станува збор за шест дозажни вијали, со закажување на термини планирање на вакцинацијата, ја исклучуваме можноста вакцините да се фрлаат. Сите родители или старатели кои одлучиле децата да ги вакцинираат за Ковид 19, ќе може да ги пријават на сајтот vakcinacija.mk. Пријавувањето ќе продолжи се додека има интерес“, велат од Министерството за здравство.
Досега пријавените 1.789 деца се на возраст од 12 до 17 години. Тие денес ќе добијат термини за вакцинирање, а вакцинацијата ќе почне од понеделник. Децата кои од денес па натака ќе се пријават за вакцина, за термин ќе чекаат подолго.
„ Сите деца кои ќе се пријават во следниот период, термин за вакцинација ќе добијат во рок од една недела. Добиените термини за децата ќе бидат флексибилни“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Вакцинирањето ќе биде на постојните вакцинални пунктови во градовите што ќе бидат наведени при пријавувањето.