Робин О’Нил: Заклучоците на ЕУ отвораат реална перспектива за старт на преговорите и за решавање на името

Од:

Првиот посредник во грчко-македонскиот спор за името, британскиот дипломат Робин О’Нил, смета дека поседните заклучоци на Европскиот совет за Македонија се позитивни и отвораат реална и остварлива перспектива за започнување на преговорите за членство во многу блиска иднина, како и за затворање на прашањето за името.

Во интервју за програмата „Порта“ на сателитскиот канал на МТВ, О’Нил вели дека на заклучоците треба да се гледа и како на можност за пронаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името што ќе го затвори ова поглавје, кое, како што наведува, е отворено премногу долго, на штета на луѓето од земјите во регионот.

Според него, тоа што прашањето за Македонија сега е предадено на Европската комисија претставува значителен чекор напред.

 – Комисијата верува дека Македонија ги исполнува сите услови за влез во ЕУ, и тие би сакале да се започнат детални преговори. Оваа одлука на Советот им дава овластување да подготват преговарачки мандат. Одлуката, исто така, ја отвора можноста за тоа дека, доколку проблемот со името не се реши наскоро, преговорите за членство на Македонија во ЕУ може да се одвиваат паралелно со преговорите за прашањето за името на државата спроведени од страна на медијатор од Обединетите нации. На тој начин, повеќе не би постоело вето за  почеток на преговорите со ЕУ додека да се реши прашањето за името, истакнува О’Нил.

Тоја, според него, е важно не само поради тоа што отвара можност за побрз напредок, туку и поради тоа што го нагласува позитивниот придонес кој ЕУ и проширувањето може да го направат во процесот на воспоставување на добри односи со соседите.

– Како што се вели во самото соопштение од Европскиот совет, проширувањето ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот. Се надевам дека тие влади кои тврдат дека се загрижени за намерите на Македонија ќе го земат предвид овој фактор. Проширувањето е дел од решението, а не дел од проблемот, како што се смета веќе многу години, укаќува Робин О’Нил.

Прашан што треба да преземе македонската Влада по одлуката на Европскиот совет, тој вели дека одговорот е прилично едноставен, а тоа е да стори сé што е во нејзина можност со цел да се осигура дека Европскиот совет во средината на 2013 година ќе ѝ наложи на Комисијата да започне преговори со Македонија.

– Тоа значи преземање повеќе чекори. Првиот е да се воспостават добри односи со Бугарија. Не сум запознаен со проблемите во однос на Бугарија, меѓутоа, тие треба да се решат, имајќи предвид  дека Бугарија е членка на ЕУ, додека пак, Македонија не е. Второ, Владата треба да оствари тесна соработка со ЕК со цел да се осигури препораката на Комисијата до Советот да биде позитивна, како во однос на директни, технички прашања за подобност за членство така и во однос на преговорите за името. Тие преговори ќе бидат многу важни за препораката на Комисијата и Македонија треба да вложи максимални напори да обезбеди позитивно мислење од страна на медијаторот за својата подготвеност да се направи напредок, дури и доколку се уште не е пронајдено решение до јуни 2013 година, сугерира О’Нил.

Надминувањето на старите сомневања и непријателства, истакнува британскиот дипломат, не е еднонасочен процес и секое решение мора да овозможи политичка поддршка на двете земји, со цел да истото да биде долготрајно.

– Неопходна е добра волја од двете страни за трајно да се реши проблемот што не е решен цели дваесет години, и освен во политичка смисла, е сосема нереален и вештачки (Грција не претрпела штета на било каков начин од употребата од страна на Македонија на нејзиното уставно име), вели О’Нил.

Македонија, според него, ќе треба да обезбеди и позитивен став од владите на земјите членки на Европската унија на состанокот на Советот во 2013, особено од тие кои сега имаат неутрална позиција.

– На состанокот минатата недела голем број на европски влади покажаа силна поддршка за побрз прием на Македонија. Поддршката од оние влади кои се заземаат прилично неутрален став сега мора да биде приоритет во македонската надворешна политика, наведувајќи ги да го разберат позитивниот став на Македонија во разговорите со медијаторот на ОН, како и нагласувајќи дека стабилноста на Балканскиот регион како целина бара сите подобни земји треба да бидат примени во ЕУ, и дека ова ќе даде позитивен придонес во односите на Македонија со нејзините непосредни соседи и ќе помогне во решавањето на старите историски сомневања, нагласува О’Нил, псочувајќи оти тоа пред неколку дена убедливо го објаснил министерот за надворешни работи на Шведска, Карл Билт, кој е еден од државниците во ЕУ кој е запознаен со ситуацијата на балканскиот регион.

Робин О’Нил во интервјуто за „Порта“ нагласува и дека дека членството на Македонија не треба да се гледа од страна на ЕУ како инструмент за уцена или притисок врз земјата туку како позитивен придонес за стабилноста и добрососедските односи во регионот.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он