Рилковски: ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше референдумот, да беа избори опозицијата ќе имаше комотна победа

Од:

Претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилковски, вели дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше референдумот за ГТЦ, дека партиското членство било под притисок да не излезе на гласање и дека тоа е причината зошто не се постигна цензуот од 50 отсто за референдумот да биде успешен.

Ова беа избори, вели тој, каде гласаше само една партија, да не се случеше бојкотот опозицијата ќе ја понесеше победата, и со градоначалник и во бројот на советници.

– Од страна на ВМРО-ДПМНЕ имаше апстиненција, си го повикаа членството да не гласа. Апстинираше и дел од администрацијата каде власта ја има контролата. Не смееја да излезат затоа што така им било речено. Имаше доста граѓани кои беа принудени да апстинираат со притисоци. Ова се избори каде излезе само една страна, опозицијата. На другите избори излегувале симпатизерите на најмалку две партии. Но доколку се спореди со локални избори, излезноста од 40 отсто говори дека имаме комотна победа на опозицијата, и за градоначалникот и во бројот на советници. Оваа бројка е најголема за опозицијата до сеа. Да излезеше и другата партија процентот на гласови ќе беше над 60 отсто – вели Рилковски.

Според него не е логично тоа што е потребен цензус од 50 отсто за локално прашање на референдум, додека за избор на претседател да биде потребен цензус од 40 отсто. Вели дека се потребни измени во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, кои би наложиле на локален референдум цензуот да биде помеѓу 30-40 отсто од гласачите.

– Законот е одамна донесен и не е во согласност со Изборниот законик. Мора да се направи промена и усогласување. Промената на фасада е прашање од локален карактер и нема големо значење за државата. Во споредба со изборот на претседател, државник, тоа е минорно прашање, а сепак ни е потребен цензус од 50 отсто. Не држи тоа за избор на претседател да е доволен цензус од 40 отсто. За референдумот, како овој за ГТЦ, цензусот треба да биде помал од она што е предвидено за државнички прашања. Да речеме помеѓу 30-40 отсто – додава претседателот на ДИК.

Неуспехот на референдумот за ГТЦ, посочува, се должи и делумно на непрочистениот избирачки список. Во него има гласачи од Пустец, т.н. фантомски гласачи, починати и граѓани со повеќе лични карти.

Рилковски вели дека во план е Државната изброна комисија да отпочне проект за прочистување на списокот во соработка со невладините организации, така што лично би се проверувале сомнителните адреси. Но, додава, потребни за средства за да се спроведе тоа.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Борис Кондарко и официјално претседател на ДИК

Чејни: Ќе гласам за Харис, а не за републиканецот Доналд Трамп

Горан Наумовски

ДИК: Завршија парламентарните избори, Азизи нов пратеник на местото на Касами

„Европски фронт“ поднесе тужба до Управен суд за прегласувањето во Желино

ДИК ќе одлучува по приговорот од Европскиот фронт

Катерина Ѓуровски

Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до ДИК за прегласувањето во Желино