Ревматолог за култура, финансиски консултант за екологија, инженер за политички систем

Од:

Од биографиите на сите нови предложени министри, за култура, земјоделство, животна средина, локална самоуправа и за политички систем и односи меѓу заедниците, само еден има искуство во сферата за која што е предложен. Трајан Димковски кој е предложен за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство целата кариера ја има посветено на оваа дејност, додека останатите речиси и да немаат допирни точки со нивните идни ангажмани.

Горан  Милевски, кој е предложен за министер за локална самоуправа е магистер по бизнис администрација и речиси целата негова кариера е политичка. Има 40 години, а член е на ЛДП од 1995 година, а од 2015 и претседател на партијата.

Тој бил советник во совет на општина Битола, работел во средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола како наставник по економски предмети, а од 2014 е пратеник во Собранието. Освен дека знае англиски јазик и има искуство со интернет, во биографијата на Милевски не може да се најдат податоци за негов ангажман или искуство во сферата на локалната самоуправа.

Слично нешто може да се заклучи и за Насер Нуредини, предложен за нов министер за животна средина, кој освен македонско, има и австриско државјанство. Тој се има школувано во Македонија, Австрија, Германија и Велика Британија во сферата на меѓународниот бизнис. Неговата биографија е импресивна во делот на она за што тој се школувал, но не можат да се најдат било какви активности во делот на животната средина. Нуредини работел како аналитичар во австриска консалтинг компанија, потоа се сели во Лондон каде што станува потпретседател на Уникредит банка, работи и како директор за инвестиции на листирани корпорации во ИНГ банка во Лондон, се враќа во Виена каде што работи како независен советник во консултантска фирма, а потоа и како советник за инвестиции и развој на проекти во друга австриска компанија.

Во делот на јазиците штро ги зборува, Нуредини во својата биографија нагласил дека „течно зборува“ англиски, албански, германски и италијански. За македонскиот и српско-хрватскиот јазик пишува дека само ги „зборува“.

Хусни Исмаили, предложен за нов министер за култура, целата кариера ја има посветено на медицината, а со културата се бавел во деведесетите години. Тој е доктор по медицински науки, ревматолог, со голем број објавени научни трудови од областа на медицината. Работел како професор во средното медицинско училиште во Тетово, како матичен лекар, интернист и доцент на Универзитетот во Тетово на Медицинскиот факултет. Зборува албански, македонски, турски, англиски и босански јазик.

Во својата биографија стои дека има извесно искуство од сферата на културата кое датира од деведесетите години, кога бил уредник на книги, организатор на првиот саем на книгата на приватните албански издавачки куќи, еден од основачите е на издавачката куќа Логос – А а бил и уредник на радио емисии од областа на културата.

Садула Дураки, идниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците, работниот век го поминува во државни институции – во Царинската управа, како министер за земјоделство, пратеник, директор на Агенцијата за развој и инвестиции, градоначалник на Липково и министер за животна средина. Тој дипломирал на Универзитетот во Приштина и по струка е, како што пишува во биографијата „инженер по машинерија“.

Единствено Трајан Димковски има искуство во сферата за која е предложен, на министерската позиција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој бил менаџер во здружение на земјоделски производители Куманово, координатор на проектот „Поддршка на земјоделски здруженија во РМ“ финансиран од СИДА, извршен директор во Федерација на фармери, посебен советник на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, раководител на сектор  за рурален развој во Министерството е дел од биографијата на Димковски, кој е роден 1967 година а дипломирал на Земјоделскиот факултет во Скопје.­­

Предлогот за избор на нови министри во Владата, премиерот Зоран Заев го достави денеска до претседателот на Собранието Талат Џафери. Собраниската седница е закажана за во среда во 11 часот седницат, а за да помине предлогот потребни се гласовите на 61 пратеници.

Би можело да ве интересира

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата