Ресорната Комисија ги прифати измените на Законот за социјална заштита што предвидува лична асистенција за деца од шест години

Од:

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска едногласно го поддржа Предлог-законот за измени на Законот за социјалната заштита, во прво читање, со којшто се предвидува услугата лична асистенција да може да се користи од шестгодишна впзраст. За измените ќе се одржи и јавна расправа.

Образложувајќи го законот, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека измените се однесуваат на услугата лична асистенција, односно да се овозможи услугата лична асистенција да ја користат и деца од шестгодишна возраст со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи индивидуална помош и поддршка и на децата за вршење на секојдневни активности и тоа заради пристап до образовните институции, центрите за рехабилитација и вклучување во заедницата, кои дете без попреченост вообичаено ги врши без поддршка.

Со предложените измени се очекува 200 деца да добијат услуга на лична асистенција и тоа од 80 часа во текот на еден месец. Како што нагласи Шахпаска, финансиските средства за оваа помош ќе ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика. Овие 200 асистенти се планирани за следните шест години, додека за следните години би се планирале 400 асистенти.

Шахпаска нагласи дека сега со овие измени со услугата лична асистенција ќе бидат опфатени лица од шест до 65-годишна возраст. Според неа, услугата за лични асистенти ја користеле вкупно 180 корисници, додека во иднина лицата кои ќе бидат асистенти на лицата со попреченост ќе треба да минат одредена обука.

Министерката најави дека во следниот период до Собранието ќе биде доставен сет од неколку закони што ќе значат реформа во секторот за социјална заштита.

Пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ на седницата посочи дека во 2020 година се регистрирани 3.494 деца со попреченост, а со законските измени е предвидено само околу 200 деца да бидат опфатени со личната асистенција. Со измените се опфатени само деца со најтешка, потешка попреченост и потполно слепите лица. Таа ја праша министерката Шахпаска дали е направена анализа пред да се определи дека двесте деца ќе добијат лични асистенти.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија поддршка на законот, но сметаат дека правата треба да ги уживаат сите лица со попреченост.

Членовите на Комисијата го поддржаа предлогот на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ за одржување на јавна расправа за ова законско решение на која ќе се поканат претставници на здруженијата на граѓаните кои ќе ги кажат своите потреби. Таа предложи дека можеби државата треба да ги вработи личните асистенти и какви ќе бидат усогласувањата со образовните асистенти.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште