Рекордери во тендери за 2018 – секој месец по 2 милиони евра од државата

Од:

Градежни фирми, фирми за медицинска опрема и лекови и добропознатата „Пуцко Петрол“ за нафтени деривати се на врвот на листата на компании кои годинава добивале тендери од државата.

Анализата на „Макфакс“ и „А1он“ покажува дека непобледива е фирмата „Пуцко Петрол“ во сопственост на семејството на градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски, која годинава заработила дури 28 милиони евра од тендери, или во просек по 2.3 милиони евра месечно. Ова е за 12 милиони евра повеќе од 2017 година, кога Пуцко Петрол добил 16 милиони евра само од државни тендери.

На листата на фирми со добиени највисоки суми од тендери се и „Алкалоид Конс“, акционерското друштво за лекови и медицинска опрема „Д-р Пановски“, а од градежните претпријатија „Жикол“ Струмица и „Пелистер“ Битола.

„А1он“ ги собираше податоците користејќи ја алатката на агрегаторот Тиме.мк, каде што се објавени систематизирани податоци од електронскиот систем за јавни набавки, со можност за попрецизно пребарување.

Јавни претпријатија, министерства, општини, болници, училишта, судови се само дел од органите во државата кои „Пуцко Петрол“ ги снабдува со нафта и нафтени деривати. Над 240 тендери има добиено оваа компанија во последнава година, односно само околу 100 дена во годината „Пуцко Петрол“ не добива тендер.

Исмаил Јахоски, кој до 2014 беше сопственик на „Пуцко Петрол“, пред да ја преземе неговиот син Асмир, од 1996 година е градоначалник на Пласница. Во последниве две децении тој не бил градоначалник само во мандатот од 2004 до 2009 година, а потоа продолжува да ја води општината.

„Пуцко Петрол“ ја основа во 1993 година и фирмата располага со повеќе бензински пумпи и се занимава со промет на нафтени деривати, градежни материјали и други дејности.

Зависно од изборната година Јахоски бил кандидат од СДСМ или од ДУИ.

Во декември лани Министерството за одбрана го раскина договорот со „Пуцко петрол“ за снабдување со мазут поради немање лиценца за трговија со мазут. Случајот го открија медиумите, а дури потоа следуваше реакцијата на Министерството за одбрана за раскинување на договорот. Тогаш Регулаторната комисија за енергетика објави дека „Пуцко петрол“ без лиценца за мазут снабдувал и други државни институции, но одговорност за случајот немаше.

Фирмата Д-р Пановски, која е во сопственост на Златко Пановски, татко на директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис, е исто така на врвот на листата по добиени тендери годинава. Министерството за здравство, Агенцијата за лекови, голем број клиники и здравствени установи склучуваат договори за набавки на лекови од оваа веледрогерија.

Пановска Ставридис лани во септември до Антикорупциската комисија поднесе изјава за нејзино изземање од сите постапки за јавни набавки каде како потенцијален понудувач може да се јави веледрогеријата на нејзиниот татко, а комисијата со писмено известување му укажа на менаџментот на клиниката, за вакви случаи да овласти друго лице за спроведување на јавните набавки. Сепак, отворено останува дали Пановска како директор не може да влијае при изборот за најповолен понудувач да се избира токму семејната фирма. Во медиумите се отвори случајот кога токму Клиниката со која раководи Пановска, доби тендер од фирмата на нејзиниот татко во вредност од над 2 милиони евра. Откако случајот беше обелоденет во јавноста, Клиниката демантираше дека директорката имала било каква поврзаност, бидејќи таа не одлучувала за тендерот, а постапката била спроведена транспарентно и без никакви привилегирања.

„Жикол“, пак, е фирма на Никола Пандев, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Струмица и неговиот татко Живко Пандев. Пандев го напушти советничкото место во општината откако беше утврден конфликт на интереси во однос на двете позиции што тој ги држеше.

Градежното претпријатие „Пелистер“ на Силјан Муцевски, пак, годинава има добиено само два тендери, но на високи суми, што го става на врвот на листата. Осум милиони евра чинат двата тендери на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, кои ги добива оваа компанија.

АД ЕЛЕМ е на врвот на листата како нарачател на тендери – само годинава биле распишани јавни огласи за сума од над 40 милиони евра. Веднаш за АД ЕЛЕМ е ЈП претпријатие за државни патишта, а потоа следува ЕВН.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

Застаре случајот „Тендери“ во кој беше обвинета Канческа-Милевска

Катерина Ѓуровски

Јаревски: Стевчо Јакимовски го бетонизира Карпош за бизнис од 600 милиони евра за „Пуцко Петрол“ близок до СДС и ДУИ

Јаревски: Коалицијата СДС и ДУИ преку изведувачот Стевчо Јакимовски отворено фаворизираат бетонизација на Карпош за бизнис од 600 милиони евра

(ВИДЕО) Кули од 35 и 25 ката на земјиште на Алумина што го купи „Пуцко Петрол“

A1on

Пуцко Петрол на Исмаил Јахоски од ДУИ повторно купи акции во ОКТА, сега има удел од 11 отсто

A1on

Два рамковни договори по шест милиони од Петровец кај градежната „Адра“, градоначалникот вели: Немаме таква набавка

Александар Тодески