Рекорден број заразени, резултати од мерките за четири недели

Од:

Во деноноќието меѓу четвртокот и петокот се регистрирани 934 новозаразени со коронавирусот од 2748 тестирања, што е најголем број на инфицирани во едно деноноќие од почетокот на пандемијата. Пет лица починати, а 434 се оздравени.

Од петмината починати, тројца се од Скопје, 58, 68 и 75 години и двајца од Прилеп на 73 и 78-годишна возраст. Сите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на оздравени пациенти е 20448, на починати е 982, а бројот на активни случаи изнесува 9058. Во болниците ширум земјава се хоспитализирани 678 позитивни или суспектни пациенти на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на скопскиот аеродром, при примањето на донацијата од 60 респиратори од НАТО, изјави дека очекува резултатите од новите мерки да дојдат по три до четири недели.

– Циклусите на промена и резултатите од воведените мерки не само кај нас, туку и во многу други земји доаѓаат по три до четири недели. Толку е циклусот на еден тренд на намалување на трансмисијата на вирусот до видливиот пад на детекција на бројот на заболени. Такви се и нашите очекувања иако е неблагодарно да се даде прогноза, рече Филипче, додавајќи дека кај овој вирус има многу непознати, па така, дел од предвидувањата, не само кај нас туку и во светот не се остварија.

Филипче нагласи дека во овие студени есенски денови многу е важно секој од нас да се грижи за сопственото здравје.

– Прекривката на устата и носот, маска, марама, шал овозможува да дишеме топол воздух, да не се најдеме во група во која има носител на вирусот и да се избегне штетното влијание на ПМ10 честичките за кои има докази дека му овозможуваат на вирусот да патува подалеку од вообичаениот пат на флигиовата капка за време на зборувањето, вели Филипче.

Тој посочи дека тие аргументи на стручните лица им укажале оти, сепак, маски на отворено мора да се носат. Но, како што рече, нема логика тие да се носат на места каде со седење се одржува дистанца, како на пример, во рестораните. Филипче смета дека со мерката носење маска на отворено ќе се намали бројот на новозаразени и ќе се спречи трансмисијата на вирусот.

Освен донесените мерки, во борба против Ковид-19, се очекува да придонесе и надополнувањето со медицински персонал.

– Системот со надополнување на медицинскиот персонал, многу брзо ќе почне да функционира и значајно ќе се почувствува помошта од овие лекари. Ќе се направат две групи на лекари, едни коишто ќе бидат на располагање за болничките установи во Скопје и друга група за дежурства во болниците ширум државата. Тие лекари ќе се вклучат во согласност и договор со координаторот на лекарите за Клиничкиот центар и со директорите на болничките установи ширум државата во системот на дежурства. Треба да се дежура 12 часа, од 20 часот навечер до 8 часот наутро, објасни Филипче.

Тој посочи дека пациенти се сместуваат во белодробната болница во Јасеново, дел на Клиниката за пулмологија.

– Институтот за белодробни заболувања е следната институција, после Инфективната клиника, каде што ќе се сместуваат пациентите понатаму, планот е во делот интерните одделенија тоа што го најавивме во текот на вчерашниот ден, рече Филипче.

Од голема помош на нашето здравство ќе бидат и 60 респиратори кои вчера НАТО ги донираше за нашата земја.

Филипче објасни дека станува збор за уреди кои се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила од една болничка установа во друга, и веќе е изготвен соодветен план за нивна распределување на неколку клиники во Скопје согласно потребите.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера ги посети и студентите од шеста година по општа медицина кои помагаат во изработка на анкетните листови во Институтот за јавно здравје. Околу 40 студенти се вклучени во овој проект и освен во Институтот за јавно здравје, тие се ангажирани и во Државниот санитарен инспекторат и во Центарот за јавно здравје во Скопје, соопшти Министерството за здравство.

Во наредните недели, како што се посочува, согласно потребите дополнителен број студенти ќе бидат распределени и во центрите за јавно здравје низ земјава. Сите тие ќе помагаат во изработка и внесување на податоците од анкетните листови на контактите на ковид позитивните пациенти.

Според последната статистика, 60 ученици и 160 наставници на ниво на држава кои се со физичко присуство во училиштата се активни на Ковид-19, соопшти вчера министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека сè додека не се создадат услови за затворање на училиштата, би останал овој модел на настава.

– На почетокот на оваа недела известивме колкав е процентот од вкупен број на ученици и ќе видите дека 0,05 проценти е заразеност кај ученици и 0,6 проценти е кај наставници. Што значи не надминуваме ниту еден процент, немаме ширење на ковид во училиштата внатре, рече министерката.

Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на корона-вирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа посочува дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега.

Шахпаска оцени дека состојбата во градинките е под контрола и оти тоа, како што рече, може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи.

Според претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски само доследно почитување на мерките може да се очекува намалување на бројот за заразени.

Полицијата во претходното деноноќие во државава изрече 928 санкции за неносење маска.

Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со Ковид-19.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска