Агенција Рејтинг, во периодот од 10 до 25 септември 2015, спроведе теренска анкета на репрезентативен примерок со 3000 полнолетни испитаници, жители на Општина Центар, за потребите на Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“. Целта на истражувањето беше да се добијат резултати за степенот на свесност на жителите на општина Центар за безбедноста во јавниот сообраќај, како и степенот на користење и задоволство од услугите што ги нуди јавното претпријатие.
Прво, важно е да се истакне дека, според добиените резултати, оваа година повеќе граѓани ги користат услугите на Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ во споредба со изминатата. Имено, високи 86,1% на прашањето „Дали ги користите услугите на Јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар? одговриле потврдно, додека само 13,9% одговориле дека не ги користат услугите на ЈП ПОЦ. Минатата година 82% од граѓаните рекле дека ги користат услугите на ЈП ПОЦ.
Дали ги користите услугите на Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“?
Понатаму, на наше големо задоволство, расте и оценката која граѓаните ја доделуваат за работата на контролорите, чистотата и осветлувањето, сигнализацијата до паркинзите, јасноста на информациите за употреба на паркоматите, сигурноста на возилата, цената на услугите и бројот на слободни места.
Можеме слободно да констатираме дека корисниците на услугите на „Паркинзи на општина Центар“ се доста задоволни од услугите кои им ги нуди јавното претпријатие. Најзадоволни се од работата на контролорите, 63,1%, сигнализацијата, 60,6%, од осветлувањето на паркинзите, 58,1% и од чистотата на паркинзите, 52,1%, а најмалку се задоволни од бројот на слободни паркинг места, 36,1% и сигурноста на возилата, 34,8%. Во споредба со минатата година во просек задоволството по сите индикатори е порасното за 5%. Најголем раст на задоволство на корисниците се бележи во однос на цената на услугите каде оваа година 10% повеќе се задоволни од цените, додека се бележи пад на задоволството од 3% во однос на слободните паркинг места. Заради овие трендови, ЈП ПОЦ во соработка со општина Центар изработува стратегија и проекти за подигнување на бројот на слободни паркинг места која наскоро ќе биде презентирана.
На скала од 1 до 5 каде што 1 е воопшто не сум задоволен, а 5 многу сум задоволен, колку сте задоволни од секоја од следниве услуги на „Паркинзи на општина Центар“ во Вашата паркинг зона?
Задоволството од новите мерки за паркирање е на доста високо ниво. Односно, 82,6% од граѓаните се задоволни од услугата “бесплатно паркирање за жителите на општина Центар”; дури 55,8% се задоволни од подобрените услови за гостинските билети, односно намалените цени и додадените бонус саати; 49,8% се задоволни од намалените месечни цени за катната гаража; а ниски 1,8% се незадоволни од новата М карта за нега.
Сегашното раководство на „Паркинзи на општина Центар“ воведе нови мерки за паркирање. На скала од 1 до 5 каде што 1 е воопшто не сум задоволен, а 5 многу сум задоволен, колку сте задоволни од воведувањето на новите мерки за паркирање, како на пример:
Ако се спореди задоволството на граѓаните од услугите на паркинзите на град Скопје и Општина Центар, може слободно да се констатира дека Општина Центар е во убедливо водство. Поточно, високи 45,5% од граѓаните се повеќе задоволни од услугите кои ги нуди Општина Центар, додека само 5,8% се позадоволни од услугите на град Скопје. На гореспоменатите проценти, мора да се додадат и оние 23,5% од испитаниците кои се задоволни од двете претпријатија, а пак ниски 13% не се задоволни од ниедно.
Во моментов во општина Центар, освен претпријатието ЈП „Паркинзи на општина Центар“, дел од паркинг местата се под контрола на ЈП Градски Паркинг; би ве замолил да ми одговорите дали повеќе сте задоволни од услугите (работата) на ЈП „Паркинзи на општина Центар“ или од услугите на паркинзите на град Скопје?
Следното прашање го истражува ставот на граѓаните во врска со контролата врз паркинзите во Центар, односно дали треба авторитетот да е поделен помеѓу Град Скопје и Општината, или пак паркингот да е под целосна надлежност на Општина Центар. Високи 61,3% сметаат дека Општина Центар треба да ја преземе целата контрола врз паркинзи на својата територија, процент кој е во пораст во споредба со минатата година. Истовремено, довербата кај граѓаните кон услугите на град Скопје е опадната од 20,1% минатата година на 13,3% според последното истражување.
Дали сметате дека контролата на паркинг местата во Општина Центар треба целосно да ги преземе ЈП ПОЦ или град Скопје треба да имаат контрола на дел од паркинг местата?
Како последно, беше побарано од граѓаните со оценка од 1 до 5 (каде 1 значи целосно сум незадоволен, а 5 целосно задоволен) да ја оценат целокупната услуга која ја нуди претпријатието „Паркинзи на општина Центар“. Резултатите покажаа дека 62,9% се задоволни, 26,8% се ниту задоволни, ниту незадоволни, а само 10,3% од испитанците се незадоволни од услугите на ЈП ПОЦ. Дополнително, може и да се констатира дека задоволството на граѓаните од понудените услуги е во пораст, а незадоволството опаѓа, во споредба со минатогодишните резултати.
Истражувањето покажа дека жителите на општина Центар се генерално задоволни од работата и услугите кои им ги обезбедува ЈП „Паркинзи на општина Центар“. При споредување на резултатите со истражувањето спроведено во 2014, може да се увиди дека има подобрувања во поголемиот дел на прашањата. И покрај одличната досегашна работа, позитивните оценки и задоволството на граѓаните, секогаш постои можност за понатамошно подобрување на услугите, и ние ќе продолжиме неуморно да работиме кон зголемување на довербата кај граѓаните.