Делчево дневно исфрла по 15 тони отпад на кој не се прави селекција, а решавањето на проблемот со собирањето отпад и со застарената механзација ќе се реши со проектот за регионалната депонија. Ова го истакна директорот на ЈПКД „Брегалница“ Дарко Гоцевски, кој потенцираше дека во тек е тендерот за набавка на возила и отпадни канти за селекција на отпадот во рамките на проектот за регионалната депонија на Источниот и Североисточниот регион.
– Конечното решавање на проблемот со селекцијата на отпадот и со депонијата во Делчево која летово неколку пати гореше поради високите температури, го дава изградбата на регионалната депонија со средства од ЕУ. За Источниот и Североисточниот регион регионалната депонија ќе биде лоцирана во Општина Свети Николе. Во моментов, во рамките на проектот за регионална депонија е распишан тендер за набавка на 77 камиони и 52.650 канти со што треба да се решат 16 депонии и 107 ѓубришта во регионот. Дел од овие возила и канти ќе добие и Општина Делчево. Тоа се возила за собирање смет, транспортирање смет и канти, а вкупната вреднот на оваа инвестиција е 26,7 милиони евра, истакна Гоцевски.
Тој додаде дека според проектот за регионална депонија, претоварни станици на отпадот ќе има во Македонска Каменица, Берово, Виница, Штип, Ранковце, Куманово, а меѓурегионалниот објект за рециклирање, за третман и санитарната депонија ќе биде лоцирана на локација во Свети Николе
Според програмата за работа на ЈПКД „Брегалница“, вработените во Секторот комунална хигиена метат и одржуваат површини по распоред 33.500 м2, 20.000 м2 паркови и други зелени површини, собирање отпадоци од 32 илјади метри квадратни.
– Со максималното залагање на вработените, Делчево е еден од најчистите градови во регионов и затоа апелирам до граѓаните за посовесно да се однесуваат кога станува збор за комуналната хигиена, рече Гоцевски.