Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува нападите, вербалните закани и попречувањето на работата на новинарските екипи на протестот пред општина Центар во Скопје. Загрижува појавата што на протести постојано се напаѓаат новинарите и снимателите при вршење на својата работа, додека полицијата која е во близина е само нем посматрач на овие груби повреди на слободата на јавното изразување, но и на нарушената безбедност на новинарските екипи. Исто така непримерно е граѓаните кои учествуваат во јавните протести гневот да го истураат врз новинарите, снимателите и фото-репортерите кои се на работна задача.
Постојаните физички напади против медиумските работници говори во каков амбиент работат тие. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи на Македонија во иднина да превземе мерки за да не се повторат напади и закани врз новинари во полициско присуство, а исто така очекуваме од МВР да ги обучи своите припадници за улогата на медиумите во демократско општество и каков лош имиџ на државата носат нападите врз новинарите, особено во присуство на полициски службеници.
Очекуваме Министерството да ги открие припадниците на групата која протестираше пред општина Центар кои се закануваа на новинари и да ги превземе сите потребни мерки и постапки против нив во согласност со Уставот на РМ и законите (советување, предупредување, прекршочна или кривична пријава). Одговорност за ваквите напади мора да сносат и организаторите на протестите.
Се надеваме дека МВР ќе постапи по овој случај, но и ќе ги реши или ќе покрене постапки за напаѓачите врз новинарите и во претходните протести кои се случуваа во Македонија, со што ќе ги исполни заложбите на највисоките државни институции за почитување на правото на слободно изразување во Република Македонија.