Реакција на Забрчанец на прес-конференцијата на Стоилковски: Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13

Од:

Ги отфрлам како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводно управување или контролирање новинари или медиуми, вели националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец во реакција на прес-конференцијата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, кој го обвини дека „пишувал текстовите и испраќал содржина за вестите на 1ТВ, сопственост на Бојан Јовановски“.

– Како одговорен за комуникации и односи со јавноста во Владата имам обврска да бидам во дневен контакт со новинари, медиумски работници, уредници и одговорни лица во медиумите. Тоа е суштината на професијата односи со јавноста, наведува Забрчанец во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил.

Забрчанец потенцира дека со Бојан Јовановски комуницирал исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и „одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата“.

– Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13 и што не направиле ниту една промена кај себе кога е во прашање односот кон медиумите. Политиката на режимско угнетување на новинарите и медиумските работници заврши на 1 јуни 2017 година, со изборот на тогашната нова Влада, потенцира Забрчанец.

Тој натаму нагласува дека медиумските работници секогаш ќе ја имаат неговата поддршка и поддршката од оваа Влада да не дозволат никогаш повеќе манипулациите и газењето врз нивните права да станат доминантна појава во медиумските политики.

– Северна Македонија во изминатите четири години има сериозен напредок по прашањата на медиумските слободи, бројот на критички и независни медиуми е во постојан пораст, слободата на изразување е гарантирана, не постои никаков владино-политички притисок врз медиумите, а критиката од граѓаните и новинарите е секојдневна, гласна и препознаена. Слободата на медиумите е наше освоено секојдневие, а ВМРО-ДПМНЕ токму од тоа најмногу се плаши, за што говори односот на нивните градоначалници кон медиумите и нивното секојдневно бегство од соочувања со новинарските прашања. Нивниот начин на комуникација со медиумите беше насилно, брутално толчење и политички прогон за оние кои не успеваа да ги купат. Никогаш повеќе, додава Забрчанец во објавата на Фејсбук.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Граѓаните да излезат на 8 ми мај и да гласаат, се работи за иднината на државата

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти

Левица: Подаваме рака до ДПМНЕ, за заедно да не ги донесеме уставните измени

СДСМ: Опасни се најавите на ДПМНЕ за блокада на европскиот пат на државата

ВМРО-ДПМНЕ: Народот сака промени, тоа го покажуваат 180 илјади гласа предност на Сиљановска пред Пендаровски

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Државата е во хаос заради ДУИ и нивните измеќари од СДС