По овјавување на нашиот сајт на вест: Дали Вељаноски ќе се осмели и ќе го опомене Ахмети дека „бега од часови“? стигна реакција од Собранието.
Заради точно информирање на јавноста, појаснуваме дека не може да стане збор за формално – правно изедначување на јавно искажаното неучество во работата на Собранието – бојкот и отсуство (оправдано и неоправдано) на пратеници од седница на Собранието, од причина што двете ситуации се регулирани со различни одредби и прописи.
Имено, во член 29 од Деловникот на Собранието на Република Македонија стои дека пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.
Член 30 утврдува дека пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата на Собранието, е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата.
Во оправдани отсуства на пратениците се вбројуваат нивните отсуства од здравствени и лични причини, како и отсуства заради анганжман на активности кои се реализираат во време на одржување на пленарна седница, меѓународни активности во земјата и надвор, контакти со граѓани, партиски активности, контакти со претставници на невладиниот сектор.
Во Собранието на Република Македонија има воспоставено долгогодишна пракса, согласно споменатите членови од Деловникот, пред одржување на секоја одделна пленарна седница отсутните пратеници да бидат јавени кај претседателот, кој на самиот почеток на секоја седница ги исчитува нивните имиња, ги информира останатите пратеници и јавноста кои пратеници го известиле дека нема да присуствуваат на седницата. За секоја одделна пленарна седница собраниската служба води прецизна евиденција, во однос на присуство или отсуство на секој пратеник, по што согласно законските одредби, Секторот за сметковотствени работи секој месец пресметува кој износ треба да им биде исплатен на пратениците за надоместоците кои согласно закон им следуваат.
Според прецизната евиденција, по направени три последователни неоправдани отсуства, собраниската служба, преку генералниот секретар го известува претседателот на Собранието, кој согласно член 31 од Деловникот веднаш го информира пратеникот. Доколку истиот пратеник направи и следно отсуство и не извести, претседателот на Собранието го опоменува пратеникот и за тоа ја известува и Комисијата за прашања на изборите и именувањата и координаторот на пратеничката група. При тоа, на пратеникот кој отсуствува најмалку три пати едноподруго од седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот на Собранието, му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Секогаш кога условите предвидени во член 31 став 1 и 2 биле исполнети претседателот на Собранието постапувал по нив.
Непримерно е да се издвојува и посочува само еден пратеник кој од најразлични причини бил спречен да присуствува на седницата и го оправдал своето отсуство, бидејќи на ист начин своето отсуство од голем број седници го оправдале и многу други пратеници, како од опозиција така и од власта, бидејќи одредбите им го овозможуваат правото да го оправдаат своето отсуство и не предвидуваат никакви санкции во однос на оправданите отсуства.
Јавно искажаното неучествување во работата на Собранието – бојкот е регулирано со член 26 од Законот за пратениците и во истиот член се предвидени конкретни мерки во однос на намалување на платата на пратениците кои бојкотираат.
Пратеникот кој е посочен во објавите на споменатите медиуми, редовно, пред секоја седница известувал – го оправдувал своето отсуство од седница. Истиот јавно не изјавил дека не учестува во работата на Собранието и не може да подлежи на мерката која ја предвидува член 26 од законот.
Покрај пратеникот Али Ахмети, за период јануари – јуни 2012 година, своето отсуство од вкупно 92 одржани седници го оправдале и други пратеници, од опозицијата и од власта, меѓу кои: пратеник Фијат Цановски – 80 оправдани отсуства, Радмила Шекеринска 36 оправдани отсуства, Наташа Савова 27 оправдани отсуства, Ермира Мехмети 66 оправдани отсуства, Љубисав Иванов 63 оправдани отсуства, Мевмет Џемајловски 35 оправдани отсуства, Ирфан Деари 82 оправдани отсуства, Мендух Тачи 90 оправдани отсуства, Ристо Манчев 63 оправдани отсуства…
За потсетување, пратениците од опозицијата при претходното бојкотирање на Собранието, за целиот период на неучествување во работата на Собранието, земаа цел износ на плата, затоа што измената на Законот за пратениците која предвидува намалување на плата на пратеници кои бојкотираат беше донесена на 11 април 2011 година, влезе во сила на 13 април 2011 година, а почна да се применува од денот на конститутивната седница на следниот, односно на сегашниот седми парламентарен состав.
Податоците од сите 10 досега објавени изданија од публикацијата „Мојот пратеник“ се достапни за јавноста, на веб страницата на Собранието на Република Македонија и истите, во веќе воспоставена пракса се презентирани преку медиумите веднаш по секое шестмесечно издавање.