Реакција на Меѓаши по повод притисоците врз учениците во средните училишта

Од:

Иако неколку пати отворено реагиравме во однос на проблемите со кои се соочуваат учениците во текот на јавното артикулирање на нивните барања, сепак континуирано до нас пристигнуваат анонимни дојави од страна на граѓани и родители, кои не информираат за прекршувања на правата на децата. Би сакале уште еднаш да потсетиме дека внимателно ги следиме средношколските движења и нивните начини на делување. При тоа би сакале да им оддадеме почит на креативноста, мотивацијата, храброста, посветеноста , ненасилните начини на отпор и обиди за вклученост во донесување на одлуки за политики кои директно ги засегаат.

Најостро ги осудуваме затварањата на врати (кога учениците се внатре и/или кога учениците се надвор); однапред предодредените неоправдани изостаноци додека учениците се во училиштата; родителските состаноци проследени со „информации“ кои казни следуваат за вакви ситуации; заканите со 2000 евра казни; уцените со неодење на екскурзии; заканите за намалување на оценки; сликањето на ученици кои бојкотираат и праќање на истите до нивните родители со закани дека ќе летаат од работа, како и други форми на притисок и насилство кои се кршење на низа на права на децата.

Треба да бидеме свесни дека реакциите на младите се резултат на општествениот контекст во кој живееме. Ваквата демонстрација и злоупотреба на моќ иритира, е неприфатлива, и не смее да помине. Време за разговор и сослушување на средношколците мора да се најде. Со ваквото дрско игнорирање (како форма на пасивна агресија) на ненасилните начини на отпор (како што се протест и бојкот) се ризикува да се прати порака до младите дека овој начин на делување е залуден; дека безпоговорната покорност кон возрасните е вредност која треба да се негува; и дека послушноста е во ред.

Директорите, стручните служби и целокупниот наставен кадар не треба да заборават дека нивната одговорност е првенствено пред учениците, а не пред политичките партии. Ги поддржуваме и охрабруваме сите чинители кои имаат слух за потребите на младите и кои се свесни дека како професионалци се одговорни да придонесуваат кон креирање на простори и овозможувачка средина за развивање на автономни и општествено одговорни личности кои нема да се плашат да го искажат своето мислење и став. Нивното вложување и заложби за поквалитетено образование не се само моментни, тие се долготрајни и се однесуваат на цели генерации.

За потсетување, во Септември минатата година Собранието по скратена постапка ги донесе измените на законите за основно и за средно образование: за време на штрајк, основните и средните училишта да обезбедат нови наставници. Да беше можно можеби некој ќе се дрзнеше сега да побара и обезбедување на заменски ученици! За среќа тие се едни, единствени и неповторливи, а кога ќе го кренат гласот тогаш НЕМА ЗАМЕНА!!! Тие немаат синдикат, но имаат родители, старатели, наставници, организации, институции, не имаат нас возрасните кои се колнеме дека Децата се нашето најголемо богатство и нашата иднина. Партизацијата резултира/ше со катастрофални кадровски состојби во образовниот систем, со политички зависни и недоволно обучени кадри. Нашите деца заслужуваат квалитетно образование во деполитизиран образовен систем. Да го спречиме влијанието на политиката засновано на теснопартиски и лични интереси на штета на образованието, велат оттаму.

Би можело да ве интересира

Средношколците ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

Средношколците за време на летниот распуст може да користат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Преполовен бројот на новите средношколци во Струмица

Гимназиите веќе не се најпривлечни за учениците