Реакција на Клиниката за радиотерапија и онкологија на прес-конференцијата на СДСМ

Од:

„Во врска со одржаната прес конференција на СДСМ пред Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, сакаме на јавноста да и ја претставиме фактичката состојба на оваа Клиника. Воедно, апелираме да не се злоупотребува во политички цели оваа исклучително чувствителна група на пациенти во обид да се креира комплетно лажна слика во јавноста за третманот кој лицата со малигни заболувања го добиваат на Клиниката.

Фактите говорат дека листата на чекање за добивање зрачна терапија е комплетно анулирана. Во споредба со 2012 година, кога се чекаше од 3-4 месеци, денес време на чекање за радиотерапија практично нема, односно пациентите чекаат најмногу до три дена колку што е потребно за подготовка за оваа терапија.

Повеќе од двојно го зголемивме капацитетот на Клиниката за амбулантски прегледи. За разлика од пред неколку години кога функционираа вкупно 9 амбуланти, денес Клиниката за онкологија има 20 комплетно опремени амбуланти кои овозможуваат многу побрз и поефикасен проток на пациенти, а што е најважно за пациентите – побрзо добивање на потребната здравствена услуга.

Со воведувањето на методата ИМРТ – Радиотерапија со модулиран интензитет овозможивме сериозно унапредување на грижата за најтешко болните, односно лицата со малигни заболувања. Со нејзината примена се овозможува зголемена прецизност на зрачниот третман, односно зголемена локална контрола на малигниот процес, што овозможува и зголемено преживување со подобар квалитет на живот.

Во периодот од 2012 до денес, на Клиниката за радиотерапија и онкологија се инвестирани околу 50 милиони денари за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема од која бенефит имаат пациентите.

Комплетно е реконструирана хистопатолошката лабораторија, а со набавката на дополнителната опрема, која е во тек, за 4 пати ќе се зголеми капацитетот на работа на оваа лабораторија. За 4 пати побрзо пациентите ќе ги добиваат потребните резултати.

Завршени се градежните работи за формирање на комплетно нов кабинет за централна гравиметриска подготовка на хемотерапија.

Со цел да го олесниме пристапот на пациентите до потребната терапија на Клиниката, за која досега беа приморани да патуваат до Клиниката од било кој регион во Македонија, воспоставивме нов концепт на дисперзирано давање терапија, поблиску до местото на живеење на пациентите“, се вели во реакцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје.

Би можело да ве интересира

Медицинско лице фатено како прима поткуп, Министерството за здравство бара истрага и ги повикува граѓаните да пријавуваат вакви случаи

Владата одвои многу пари за модернизација на нашето здравство, вели министерот Азир Алиу

Министерот Кенеди отпушта 10.000 луѓе во здравството

ВЛЕН: Здравството во нашата земја е разбудено од „клиничката смрт“

Интервју со проф. д-р Светозар Антовиќ: Првиот симпозиум на MAAS ќе биде историски настан за нашата хируршка заедница

Таравари признава дека има мито во здравството, повика граѓаните да пријавуваат

Катерина Ѓуровски