Проектите кои се дел од мојата програма нудат брзи, сигурни, професионални решенија за проблемите со кое се соочуваат сите мои скопјани. И тоа ни е потребно веднаш, не за 10 или 20 години. Незнаењето, мрзливоста и ароганцијата не му дозволуваат на Петре Шилегов да погледне пошироко од својата политичка матрица и политичка кариера, реагира независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на изјавата на градоначалникот Петре Шилегов.
„4 години имавме градоначалник од кој не видовме ниту еден реализиран проект, освен обиди за нешто во последните неколку месеци. Изгубени во сопствената мрзливост, незнаење и фалбаџиство. Шилегов ветуваше нова гимназија, едно јаболко на секој средношколец, но нема ниту гимназија а уште помалку средношколците добија јаболко. Шилегов вети гасификација, нема реализација. Јавното сообраќајно претпријатие континуирано работи со загуби, и тоа дури 139 милиони. И истиот тој Шилегов ме обвинува мене дека ЈСП ќе биде во загуба. Мојот проект не е утопија, тоа е реалност. Вакви проекти има низ многу градови во Франција, Естонија, Луксембург. Скопјани заслужуваат модерен, брз и сигурен град. Со добро менаџирање на средствата ќе имаме ефикасни решенија.
На Скопје му треба менаџер, а не политичар. На Скопје му требаат брзи и сигурни решенија. На Скопје му треба некој кој секојдневно се соочува со пробелмите и кој заедно со скопјани ќе најде решение за истите да ги реши. Доста ни е од лажни ветувања.
И јас и скопјани сакаме да ги промениме работите и не смееме да се откажеме. Само со силна борба ќе создадеме надеж дека ќе се придвижиме кон подобро“, се вели во реакцијата на Арсовска.