Петтата седница на Советот на Општина Карпош мина во знакот на усвојување на програмите на одделните сектори во локалната самоуправа во кои се инкорпорирани капитални, но и мноштво други проекти од значење за жителите на Карпош.
Советниците на оваа седница, дискутираа за програмите за активностите во областа на развојот на Општината за 2018 година, за урбанистичкото планирање, како и за програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Општина Карпош. Претставниците на Советот расправаа и за активностите на Општина Карпош во областа на културата, спортот, детската , социјалната и здравствената заштита за наредната година. Образованието, заштитата и спасување на граѓани и материјални добра, информатичката технологија, месната самоуправа, исто така беа областни предмети на дебата помеѓу советниците.
Покрај развојните програми, беше усвоена и Предлог програмата за одбележување на 42 годишнината на Општина Карпош.
Исто така, „виза“ доби и буџетот за наредна година, односно општинската каса која во 2018 ќе „тежи“ 1 718.000.000 денари. На оваа седница се донесе и Правилникот за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотацијата наменета за Јавните установи – општински детски градинки на подрачјето на локалната самоуправа.
По повикот на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев за донирање на заштитни средства ( прочистувачи на воздухот) од страна на правните субјекти, како општествено одговорни фирми, на вчерашната седница беа прифатени донациите од компаниите како : „МИ-ДА Гранд Моторс – Македонија“, „ Елена Лука“, „ Ванила Фуд“, „ АД ЕЛЕМ Електрани на Македонија“, „ФИЛОС ДОЕЛ“, болницата “Филип Втори”, “Невидисатрејд” ДООЕЛ Скопје со коишто прочистувачи ќе се подобри амбиенталниот воздух во установите кои се под нејзина надлежност, детските градинки и основните училишта.