Музички манифестации, хуманитарни акции, спортски натпреварувања, пензионерски игри, се дел од активностите со кои изобилува богатата програма на „Денови на Општина Карпош“. Традиционалната манифестација „Ем умеам, ем можам“, која се одржа по 12-ти пат, на 17 октомври овој месец, официјално ги отвори Деновите на Општината посветени на чествувањето на 38-от роденден на Општината. На денешната конференција за печат, првиот човек на општината, Стевчо Јакимовски, за медиумите, ја презентираше целосната програма која ќе се спроведува во текот на овие две недели.
– Целта на овогодинешните Денови на Општината, е што повеќе да се инволвираат граѓаните на општина Карпош во одбележувањето и, она што е најважно, во манифестацијата да учествуваат и најмладите жители на Општината. Денот кога е формирана општина Карпош е 3-ти Номеври и тој е значаен датум за нас кој го славиме како нејзин роденден. Овие денови ќе ги одбележиме со различни манифестации кои започнаа на 18 октомври а ќе завршат на 3-ти ноември. Започнавме на 17 октомври со манифестацијата „Ем умеам ем можам„ која што е традиционална акција и која што ги поттикнува малостопанствениците на територија на општина Карпош да се презентираат и да се афирмираат што повеќе на пазарот. – рече Јакимовски.
Преку учеството на голем број уметници, пензионери, најмладите жители на општина Карпош, деновите на славење добиваат големо значење и остануваат во сеќавање на сите граѓани
-Во „Деновите на општина Карпош“, се организираат кошаркарски и одбојкарски куп, изложба на акварели од конкурсот на општина Карпош, организираме пензионерски игри, ликовен перформанс за учениците и сликање на картон. Традиционалната хуманитарна крводарителска акција како дел од Деновите на Општината, ги организираме со цел да им се помогне на граѓаните на кои најмногу им е потребна помош од ваков тип. Го посетуваме Домот за стари лица „Мајка Тереза“ бидејќи од големо значење за нив и за нас е да им се посвети време и внимание на овие жители на Општината затоа што тие го имаат најголемиот удел во градењето на оваа Општина. – истакна градоначалникот на општина Карпош.
Во текот на Деновите на Општината, ќе се организира и големата манифестација „Карпош има талент“, во која се вклучени сите ученици од десетте основни училишта на територија на општина Карпош, кои имаат талент во нешто, а потоа следуваат и вредни награди.
Во рамките на Денови на општина Карпош, ќе се одржи и трибина наречена „Карпош, пред времето“, ќе се доделуваат хуманитарните пакети собрани од хуманитарната акција „Да бидеме хумани за нашите соседи„ на социјално загрозени семејства. Една од повпечатливите манифестации за младите ќе биде „Временската капсула“ или „Карпош во иднината“, односно како учениците од основните училишта и градинките ја замислуваат Општината во наредните неколку години.
– Ќе се одржат изложби и промоции на донирани слики, цветно дефиле каде децата од градинките и основните училишта ќе дефилираат по улиците во Карпош. Роденденската церемонија ќе се заокружи со Свечена академија каде ќе се прогласат почесни граѓани на Општината за изминатата година. Во рамки на ова ќе се организира и концерт пред платото на „Скопје Сити Мол„ со естрадна музичка ѕвезда од домашната или странската сцена.
Основната идеја е „Деновите на Општината“ да траат што подолг период за да бидат вклучени што повеќе граѓани започнувајќи од најмладите до повозрасните,- изјави на денешниот прес таткото на Општината, Стевчо Јакимовски.