Разногласие меѓу СДСМ и ДУИ, илјадници амандмани за блокада на измените Изборниот законик

Од:

ДУИ со 5000, а ВМРО-ДПМНЕ со над 1.000 амандмани ќе се обидат да ги бликираат измените на Изборниот законик кои се во собраниска процедура. СДСМ од друга страна поддржува измени со кои се предлагаат една изборна единица и отворени листи, и бара од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите и да се отвори дебата.

Премиерот Зоран Заев вели дека ова е прва конфронтација меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, но тврди дека владината коалиција е создадена на здрави програми и основи, оти функционира добро и покрај разидувањата за некои прашања.

– Тука ќе стане првата конфронтација, ние сме најавиле една изборна единица, ќе се бориме до крај. Амандманската расправа можат да ја користат како нивно деловничко право. Но, ние ќе опстоиме, јас повикав во Парламентот да се преброиме, да видиме колку од претставниците на граѓаните изразени преку мандати се за промена на изборниот модел и секако тука ќе изгласа Парламентот, изјави Заев за поднесените пет илјади амандмани од ДУИ. Секое блокирање, според него, треба да им биде објаснето на граѓаните.

Вели дека од измените најмногу губи СДСМ, и потоа ВМРО – ДПМНЕ, а сите други добиваат, вклучително и ДУИ.

Пратеничката група на ДУИ, пак, ги образложува поднесените 5.000 амандмани со забелешката дека процесот за измени на Изборниот законик се води еднонасочно, еднострано и оти менување на правилата на игра пред избори е опасен преседан со кој би се соочила политичката сцена во земјава.

– Сметаме дека тие правила на игра за сите политички партии мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии. Не би требало да се прават опасни преседани со партиски калкулации само за следните избори од која било страна, затоа што со тоа се отвора Пандорината кутија и нема да се знаат последиците, изјави вчера пратеникот Артан Груби.

Најави дека министерката за правда Рената Дескоска за денеска свикала состанок на сите парламентарни, но и вонпарламентарни партии и на претставници на цивилното општество и на други институции, на кои ќе се разговара за изнаоѓање најдобар можен изборен модел и Изборен законик.

Овие решенија, според него, би требало да бидат консензуално срочени во Предлог-закон и усвоени од сите затоа што тие правила на игра се однесуваат на сите.

И ВМРО-ДПМНЕ, како што изјави пратеникот Антонијо Милошоски, има принципиелен став дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент.

– Не може нов Изборен законик да се носи без согласност на најголемите релевантни политички партии и да се носи еден или два месеца пред избори. Без разлика колку сегашниот или можниот иден изборен модел може да бидат подобри или помалку добри од она што денес го имаме како изборна пракса, рече Милошоски.

Тој информира дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено околу 600 амандмани на законот за една изборна единица и исто толкав број на амандмани на другиот предлог-закон што се однесува на изборните листи.

СДСМ, пак, укажува дека дебатата за промена на изборниот модел е почната пред неколку месеци, кога немало договор за предвремени избори. Ги повика и ВМРО ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите и да почнат дебата.

Спроед предлагачите за една изборна единица и отворени листи, актуелната поделба на шест изборни единици е пречка за фер изборен натпревар зашто ги фаворизира големите политички партии, на сметка на помалите и на евентуалните независни листи. Помалите партии сметаат дека воведувањето една изборна единица без изборен праг и отворени листи ќе обезбеди политички плурализам и демократизација

Би можело да ве интересира

СДСМ: На Велиген власта остави работници од повеќе институции без плата

Катерина Ѓуровски

Oбвинителството контра ДУИ: Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Да се извини Филипче и СДС што го лажеше народот дека „Бугари во Устав” се единствениот услов за напредок на државата

ДУИ: Не смееме да дозволиме трагедијата во Кочани да се искористи за политичка пропаганда

СДСМ: Со апсење само на поранешни полицајци истрагата за Кочани станува фарса

(ВИДЕО) Зекири: СДСМ бара оставка од Таравари по скандалот на Кардиохирургија, ова е хумана катастрофа!

Горан Наумовски