„Разбистри се“ до Морачанин: Да не бидат злоупотребувани нашите наоди за разрешување на Петровска

Од:

Алијансата „Разбистри сè“ реагира на коментарите на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, во кои ги злоупотребува наодите на Алијансата за работата на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Ова доаѓа откако Морачанин во изјава за „А1он“ рече „Она што е многу важно, го гледав денес и полугодишниот извештај, имаше и од ‘Рабистри се’ коментари дека инспекциите за животна средина не се доволно транспарентни и второ гледам од ‘Разбистри се’ и дека причините меѓу другото се несоодветен и неефикасен инспекциски надзор“.

„Во Алијансата ‘Разбистри сè’ е вклучен и активно учествува Државниот инспекторат за животна средина, кој се приклучи како партнер во уште во декември 2020 година. ДИЖС учествува во неформалното тело ‘Граѓански инспекциски совет’, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, а кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Заедно со инспекторатот ја создадовме апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво. За времетраење на кампањата, Алијансата излезе со повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС. Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска“, велат од „Разбистри се“.

Оттаму потенцираат „соработката со Државниот инспекторат за животна средина и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и истата беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска“.

Би можело да ве интересира

ДОМ: Се противиме на промени во урбанистичкото планирање на брза рака

ДОМ: Интеграција наместо сегрегација

Вонреден конгрес на ДОМ – до локалните избори партијата ќе има в.д. раководство

Претседателката на ДОМ поднесе оставка

Горан Наумовски

ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, за продолжување на евроинтеграциските процеси

ДОМ со условена поддршка за Владата

Катерина Ѓуровски