Жестока расправа во Општина Центар за решението на градоначалникот Андреј Жерновски да ги стопира двата плана за Тасино чешмиче и Капиштец-Водно.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на советот Мирослав Шиповиќ сметаат дека изгласаните ДУП-ови се законски, додека градоначаникот Жерновски и советниците на СДСМ и коалицијата сметаат дека се незаконски изгласани.
И двете страни се повикуваат на членот 62 каде што пишува дека се донесуваат со мнозинство гласови, но советници на ВМРО-ДПМНЕ и Шиповиќ се повикуваат на истиот член во кој се вели дека просписите се донесуваат со мнозинство гласови доколку поинаку не е определено… при што се префрлуваат на член 41 каде што сметаат дека е поинаку определно.
Жерновски рече дека одлуката била донесена со 11 гласови и таа не е законска и е во спротивно со законот за локална самоуправа, со ставот на министерството за локална самоуправа, со генералниот урбанистички план и со деловникот.
Тој ги праша каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се ветени 10-катници на Водно.
„Вие си молчевте, а само ја зголемувавте градежната линија на Водно, најдете ми барем еден дел од програмата каде ветивте 10-катници на Водно. Ако се случи нешто ќе ви се јавувам на секои 5 минути за секој граѓанин во Скопје да знае кој ја донел оваа одлука“, рече тој.
И Жерновски и советниците на СДСМ и коалицијата сметаат дека изградбата на висококатници на Водно е опасна за жителите, кои може да настрадаат при појава на ново свлечиште.