Десет образовни асистенти со завршено високо образование-профил дипломиран дефектолог, педагог, психолог, одделенски наставник, предметен наставник ќе бидат времено работно ангажирани во основните училишта во општина Кисела Вода. Сите заинтересирани невработени лица од денеска до 14 август, од 8:30 до 16:30 часот, можат да подигнат и да поднесат пријави во општина Кисела Вода.
Се работи за оглас кој го распиша општина Кисела Вода за заинтересираните лица кои сакаат да се вклучат во програмата „Општинско-корисна работа“ финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување.
– Проектот „Се грижиме и ги воспитуваме најмладите“ ќе овозможи работно ангажирање со скратено работно време на евидентирани невработени лица за период од девет месеци поради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд. Се работи за ангажман од дваесет работни часови неделно, при што статусот на невработените лица останува непроменет. На невработените лица-корисници на социјална помош ќе им биде активно правото на користење на социјална помош, се вели во соопштението од општина Кисела Вода.
Право на учество во програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, а предност ќе имаат лицата кои првпат се јавуваат за учество во оваа програма. За кандидатите кои ќе бидат избрани се предвидува паричен надомест во висина од девет илјади денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица евидентирани во АВРМ (над 12 месеци во евиденција), самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот и родители на три и повеќе деца.
Граѓаните повеќе информации можат да добијат во општина Кисела Вода кај Елизабета Јаневска, општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“, во Агенцијата за вработување-Центар за вработување на Град Скопје кај Флорие Љачи и Центарот за социјална работа П.Е Кисела Вода кај Зоран Николовски.
Огласот е достапен на веб-страницата на општина Кисела Вода на следниот линк: http://www.kiselavoda.