Во изминатите неколку месеци е водена писмена комуникација со фирмата Бетон, со која ЕЛЕМ и ЕВН имаат заеднички договор за менување на фасадата. Од ЕЛЕМ за „Макфакс“ велат дека прават обиди да најдат начин како да се стави нова фасада на зградата, на местото на старата која е отстранета пред неколку години, но таа фасада да не биде таа која е договорена претходно со АД „Бетон“. Се прават напори да се најде решение, но до тоа сè уште не е дојдено, велат од ЕЛЕМ.
„Постои правна дилема дали ЕЛЕМ како државна компанија која подлежи на одредбите на Законот за јавни набавки, има право да го менува договоро односно да прави измени во предметот на договорот кој е склучен откако претходно имало распишано јавен тендер за него. Има правно толкувања дека е незаконски да бил распишан тендер за фасадата во кој се наведени едни услови за нејзиниот изглед и под тие услови да конкурирале фирмите, а потоа да се менува содржината во договорот, односно во случајов, да се менува изгледот, а со тоа и материјалите за градба, нивната количина“, појаснуваат од ЕЛЕМ.
Раскинувањето на договорот со АД „Бетон“ за да се распише нов тендер и да склучи нов договор за нова фасада ќе повлече плаќање пенали од ЕЛЕМ и ЕВН кон градежната компанија. Затоа сè уште се бара начин како да се најде решение кое нема да прави дополнителни трошоци од буџетот, а со кое ќе се постави нова модерна фасада на заедничката зграда на ЕЛЕМ и ЕВН.
Инаку, целиот проект според договорот чини 3 651 984 евра, од кои ЕЛЕМ и ЕВН имаат исплатено на Бетон 725 187 евра, или 20% од сумата во договор, бидејќи 20% од работите се и изведени на зградата. Оригиналниот проектант на барокната фасада е Градежниот факултет-Скопје.
Васко Маглешов