Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Ралф Брет, одбележувајќи го потпишувањето на Охридскиот рамковен договор (ОРД) кое се случи пред 13 години, изјави денеска дека договорот беше пресвртница која го означи почетокот на важниот процес на интеграција во општеството и градењето мулти-етничка, модерна, европска држава.
„Рамковниот договор, исто така, ја покажа и посветеноста на клучните европски вредности, разумот, дијалогот и вклученоста, наспроти конфликтот, етничките судири и поделеноста“, рече Брет.
„Потребна е постојана ангажираност на сите инволвирани страни за да се одржи динамиката на овој клучен процес. Мисијата на ОБСЕ во Скопје продолжува да ја охрабрува владата да се посвети на спроведувањето на Охридскиот договор, на тоа што стои на хартија, но и на самиот дух на договорот.“
Амбасадорот Брет додаде: „Многу е важно да се подготвуваат идните генерации за интегрирана и мулти-етничка иднина.
„Да се учи за богатството кое го нуди разновидноста, во еден образовен систем кој овозможува општествена кохезија, е дефинитивно во духот на Охридскиот договор. Тоа ќе стави акцент на вистинските придобивки, оставајќи ги духовите од минатото на маргините, а европската иднина во фокусот.“
„Мисијата на ОБСЕ во Скопје очекува обновување на динамиката и похрабри чекори во оваа важна област, која заслужува посериозно внимание. Воедно е подготвена да ги поддржи институциите во спроведувањето на договорот.”