Раичевиќ: Обвинителството заслужува да има јавен обвинител, кој ќе пренесе во народот доверба дека ќе пружа кривично правна заштита

Од:

Обвинителството заслужува да има јавен обвинител, кој ќе пренесе во народот доверба дека ќе пружа кривично правна заштита и ќе помогне да криминалот во нашата земја се намали, вели јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, која е еден од тројцата кандидати за највисоката обвинителска функција во државата.

Индивидуата јавен обвинител, според Раичевиќ, треба да биде препознатлива, не по настапи кои што се атипични, туку по сериозност, одговорност и по правда која што ќе ја претстави на граѓаните.

Раичевиќ, која доаѓа од Основното јавно обвинителство Скопје, е еден од тројцата пријавени кандидати заедно со Фатиме Фетаи и Љупчо Коцевски, на огласот за избор на нов републички јавен обвинител, на местото на Љубомир Јовески, чиј мандат завршува в понеделник на 25 декември.

Советот на јавни обвинители утре ќе треба да избере вршител на должноста кој ќе го замени Јовески. Вршителот на должност ќе се избере од редот на републичките обвинители и тој ќе биде на оваа функција до изборот на нов републички јавен обвинител за кого постапката е во тек.

Раичевиќ, денеска во изјава пред Кривичниот суд во Скопје, рече дека со оглед на високиот интерес, дојдено е време да е прашаат тие што ќе го изберат јавниот обвинител, кои се нивните аргументи и што очекуваат од тој јавен обвинител.

– Она што е за мене важно и предизвик, и сосема сум свесна врз база на искуството и годините поминати во обвинителство, што ме очекува доколку бидам избрана, и дека тоа е навистина сериозна и многу тешка функција. Обвинителството заслужува да има јавен обвинител, кој што ќе пренесе, како и кај докторите и во народот, доверба дека може да има јавен обвинител, кој ќе работи навистина по законски прописи и ќе пружа кривично правна заштита, и кој што ќе помогне да криминалот во нашата земја се намали, изјави Раичевиќ.

Прашана дали очекува постапката за изборот да се заврши успешно со оглед дека влегуваме во предизборен период, Раичевиќ рече, дека начинот и постапката за избор се предвидени со закон и дали тоа ќе се случи и на каков начин се прашања на кои таа не може да одговара, но нагласи дека очекува процедурата со ваков интерес на јавноста да се проследи во целост и да видиме што се случува од чекор во чекор.

– Дали тоа ќе се случи и на каков начин, дали техничката Влада можеби ќе го попречи изборот на јавниот обвинител на државата, се прашања на кои што јас не можам да имам одговор од позицијата на која што сум. Би се свело на шпекулации, што е непристојно за функцијата за која амбицирам, но, затоа следењето на тој процес и сето тоа што ќе се случува, како времето, роковите и аргументите, особено образложението кој кандидат ќе биде избран, мислам дека ќе можат да дадат одговор на вашето прашање, изјави Раичевиќ.

За тоа што најмногу им недостигна на обвинителите за ефикасно работење, Раичевиќ вели дека недостатоците се на три нивоа – функционални, институционални и персонални.

– Кога зборувам за функционални недостатоци, јас сметам, дека таа функција треба да биде многу пооперативна и експонирана во своите манифестации на дејствија кои што се бројни, а за кои што воопшто јавноста не знае. Во однос на институцијата, сметам дека позицијата на јавен обвинител ќе овозможи да повисоките инстанци имаат поголем увид во сите обвинителства низ државата и нивниот капацитет се подобри во начинот на извршување на нивните задачи, посочи таа.

Што се однесува до персоналните, Раичевиќ, рече дека се залага преку своите менторски активности и сите можни начини кои и се на располагање индивидуата јавен обвинител да биде една препознатлива личност во иднина.

– Препознатлива, не по настапи кои што се атипични, туку по сериозност, одговорност, по правда која што ќе ја претстави на граѓаните, дека може да ја изнесе јавниот обвинител, изјави Раичевиќ.

Би можело да ве интересира

Раичевиќ: Случајот со ваучерите на АМС е специфичен по многу нешта, има штета од над пет милиони евра

Горан Наумовски

Кој ќе го наследи Јовески: Фетаи, Раичевиќ и Коцевски чекаат мислење од Советот на јавни обвинители

Александар Тодески

Листата со тројцата кандидати за државен обвинител испратена во Владата