Градоначалникот, на општина Центар, Андреј Жерновски, на денешната средба со новинарите ја најави амбициозната задача – општината да не прави пауза во изведба на проектите, затоа што е летен период. Затоа, во општина Центар ќе има работно лето.
Од проектите кои се започнати и се довршуваат ги посочи:
1. Детско игралиште Агромеханика со површина од 250м2, дрвени детски реквизити со 3 лизгалки, 2 клацкалки и амортезери, ѕидиови и столбови за качување. (Поради зголемена безбедност на децата, игралиштето ќе има гумена подлога)
2. Пјацета и детско игралиште на ул. Јоаким Крчовски со површина од 400m2, поставени се 8 клупи и 5 канти за отпадоци како и детско игралиште.
3. Во тек е обнова на зеленилото на бул. Кочо Рацин, со изведба на систем за полевање, садење на садници и ниско зеленило и затревување на целокупната површина од 4800m2.
4. Изградба на ЈДУ Кочо Рацин – матичен објект која е планирано да заврши во Септември. Ова ќе биде прва градинка изградена по 40 години во Центар, единствена која се гради со општински пари. Тоа е градинка, која ќе биде најмодерна во државата, изградена со најсовремени материјали.
5. Канцеларија за Млади, која ќе биде и за сите млади, но и за невладините организации од цело Скопје.
Ова, рече Жерновски одговарајќи на новинарски прашања се проекти кои се во тек и се планирани и денешната средба со новинарите не е одговор на тенденциозните напади дека е “исчезнат“.
“Таквите критики ме мотивираат, а дали сум исчезнат, најдобро знаат граѓаните“, рече Жерновски.
Топката за изградбата на култнотото место за скопјани, Езерце, е во Министерството за транспорт и врски, од таму општината очекува одговор и за изградба на новото основно училиште во Капиштец.
Доколку Министерството постапеше како и со сите други општини во државата, и неизграденото градежно земјиште го доделеше на граѓаните и на општина Центар, тогаш веќе ќе беше почната изградбата и на Езерце.
“Министерството сеуште молчи, а она што ме загрижува е најавата дека дозвола ќе се издаде доколку биде во барокен стил“, изјави Жерновски.
Градоначалникот Жерновски се заблагодари и на граѓаните кои живеат во околината на Автомакедонија, кои се понудија да соберат средства за изречената казна. Жерновски, од сопствен џеб ќе ја плати и оваа казна, по 23-те управни инспекции во општината за случајот “Изградба на барокна катна гаража кај Автомакедонија“.
Општина Центар, рече Жерновски, ги има најдобрите резултати од екстерното тестирање и како што потенцираше, откако е дојден тој на власт, нема “сеча“ на директори на основни училишта, а во образованието нема да дозволи да се внесува политика.
Сеуште обвинителството молчи за тешките повреди на законите и констатираниот криминал од страна на ревизорите за проектот Скопје 2014.