УНИЦЕФ, Делегацијата на Европската Унија и други партнери промовираа две нови иницијативи за поттикнување на учество на децата во изработка на решенија за пристап до правда за децата и надградба на капацитетите на стручните лица што работат со деца во ризик.
На почетната работилница за правата на децата изминатиот викенд 60 деца и младинци се придружија на иницијативата на УНИЦЕФ „Младински застапници за правда за децата“, прва од таков вид во земјава.
Целта на оваа иницијатива, соопштија денеска од УНИЦЕФ, е да се создаде простор за децата и младите да учествуваат во реформските процеси на законите и јавните политики од областа на правда за децата и да предложат иновативни начини за решавање на прашањата што влијаат врз нивните животи.
– Негативните доживувања во детството или интеракциите што ги доведуваат децата во контакт со правосудниот систем честопати предизвикуваат траума со сериозни последици по способноста на децата да размислуваат, чувствуваат и да се однесуваат. Тешко е да се определи кој и во колкав степен има претрпено траума, па затоа системот мора да обезбеди сите деца да се чувствуваат безбедно, сигурно, смирено и заштитено, изјавила Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Таа нагласила дека децата и младите мора да бидат вклучени во овој процес, мора да имаат директен удел во одлучувањето и да го кажат своето мислење.
– Видовме како децата осмислуваат и предводат иницијативи во доменот на климатските промени и квалитетното образование. Сега ќе имаме добра можност да ги видиме како учествуваат во оваа нова и возбудлива иницијатива во улога на младински застапници и веруваме дека нивните идеи ќе придонесат кон подобрен правосуден систем по мерка на децата, потенцирала Ди Џовани.
На оваа првична работилница идните младински застапници за правда за децата се запознале со главните принципи на детските права, меѓу кои спаѓаат и правата на децата што доаѓаат во контакт со законот. Со поддршка од пет ментори, тие исто така работеле на развивање на комуникациски вештини за мирно решавање на конфликти, емоционална писменост и самосвест и составните елементи на младинското учество и активизам.
По оваа првична обука, децата и младите ќе учествуваат во работилници за конципирање и обмислување на кои ќе изработуваат креативни решенија за предизвиците со кои децата се соочуваат кога доаѓаат во контакт со правосудниот систем вклучително и решенија за подобрување на механизмите за жалби и подобрување на пристап до информации за сите деца што евентуално би дошле во допир со правосудниот систем. Нивните идеи ќе бидат претставени пред носителите на одлуки и УНИЦЕФ и другите партнери ќе го поддржат нивното натамошно развивање и реализација.
Оваа недела УНИЦЕФ отпочнува и низа работилници за обука на обучувачи наменети за стручни лица кои работат со деца што доаѓаат во контакт со правосудниот систем, со цел да се изврши валидација на првата наставна програма со која се воведува повеќесекторски приод заснован врз најдобриот интерес на детето.
– Кога децата доаѓаат во контакт со системот за правосудство и системот на детска заштита, се среќаваат со различни стручни лица и институции што одлучуваат за нивната иднина. Затоа е од особена важност сите стручни лица што донесуваат такви одлуки да бидат водени од најдобриот интерес на децата. Индивидуален приод со сочувствителност и внимателно промислување може да има огромен позитивен ефект врз нивната иднина, рекла претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани.
Оваа иницијатива, стои во соопштението, потекнува од потребата да се надминат значителните разлики во знаењата и вештините кај различните стручни лица што работат со деца во ризик и деца во контакт со правосудниот систем. Воспоставување на една наставна програма за сите ќе овозможи овие стручни лица да поседуваат исти сознанија и во секоја фаза од постапките да се раководат од најдобриот интерес на децата.
Наставната програма е изработена според пристап што се базира на човековите и детските права и се фокусира на клучни компетенции како што се вештини за меѓучовечка комуникација, ангажман во заедницата и мобилизација. Понудени се и студии на случаи и најдобри практики од Европа. Модулите ги опфаќаат главните аспекти на принципите на правда за децата, деца во ризик од контакт со правосудниот систем, жртви, сведоци и деца во судир со законот.
По работилницата и финализирањето на наставната програма, групата сертифицирани обучувачи ќе го пренесува знаењето на своите колеги и други стручни профили што работат со деца во ризик, како што се судии, обвинители, социјални работници, полициски службеници, стручни работници што работат со деца во поправни установи, адвокати и медијатори.
Двете иницијативи што отпочнуваат оваа недела се дел од поширока двегодишна програма „ЕУ за малолетничка правда по мерка на децата“, финансирана од Делегацијата на Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ, со која се поддржуваат реформските напори на Владата да се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на децата што доаѓаат во контакт со него.