Пуштено во употреба ново одделение за акутни состојби во Психијатриската болница – Негорци

Од:

Во ЈЗУ Психијатриска болница – Негорци денеска беше пуштен во употреба објект во кој се наоѓа новото одделение за акутни состојби, изграден на местото на постојното одделение, кое беше од дрвена конструкција и многу оштетено.

Објектот каде е сместено одделението е изграден од цврста градба, со површина од 560 квадратни метри и е енергетски ефикасен со – термоизолациска фасада, квалитетна столарија, соларен систем и панелен кров со највисок изолациски коефициент. Вкупната сума за оваа инвестиција изнесува над 11 милиони денари и е изградено по принцип клуч на рака. Одделението е изградено согласно меѓународни стандарди и искуства за акутно одделение, со поделба на машки и женски пациенти, посебни простории за доктор, сестри и болничари и има посебна соба за фиксација, согласно препораките на Народниот правобранител.

На пуштањето во употреба на одделението присуствуваа министерот за здравство Венко Филипче и гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.

– Ова е објект кој значајно ќе го смени квалитетот на услугата во сферата во која се работи, но и драгоцено искуство кое ќе придонесе за пократок престој на пациентите во болница. Ова е еден дел кој во текот на целокупното лекување на пациентите кои имаат потреба од ваков третман може да значи прерано детектирање на состојби за кои не треба добра хоспитализација, туку може да бидат пуштени и на домашно лекување, истакна Филипче.

Тој најави дека наскоро ќе има уште една здравствена услуга, а тоа е дисперзија во постела, односно деинституционализација на пациентите. Појасни дека тој тип на лекување веќе го има во многу развиени европски земји и најави дека до крајот на годината таков хостел ќе може да се промовира во Гевгелија.

Раководството на Психијатриската болница-Негорци, информираше дека во изминатиот период е извршена уште една комплетна внатрешна реконструкција на хронично одделение со површина од 450 квадратни метри, при што се поставени нови подови и плочки, целосно нови тоалети, извршено е реновирање на целата површина на ѕидови и тавани, а поставена е и целосно нова столарија и соларен систем за целото одделение. За оваа инвестиција беа издвоени 3.045.580 денари.

Покрај реконструктивните зафати, во изминатиот период, Психијатриска болница-Негорци се зајакна и со здравствен кадар и тоа: еден специјалист-психијатар, двајца доктори на медицина, пет медицински сестри, еден дипломиран психолог, еден дипломиран социјален работник и еден дипломиран биохемичар, информираат од Министерството за здравство.

Градоначалникот Поцков најави дека општината ќе обезбеди простор и до крајот на годината ќе почне да работи центарот за ментално болни лица.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска