Отворен Контакт-центарот за полициска соработка меѓу Македонија и Албанија

Од:

Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и Република Албанија, Гордана Јанкулоска и Фламур Нока, на граничниот премин Ќафасан денеска го пуштија во работа заедничкиот Контакт-центар за полициска соработка меѓу полициите на двете земји.

Отворањето на заедничкиот Центар за полициска соработка, нагласи министерката Јанкулоска, е уште еден чекор кон продлабочување и подобрување на соработката на македонската и на албанската полиција. Ваквиот систем на работа, подвлече, ќе овозможи подобра координација на граничните служби бидејќи на едно место ќе можат да ги разменуваат информациите кои се релевантни за нивната работа и да ги разрешуваат спорните ситуации доколку за тоа имаат потреба.

– Со отворањето на Контакт-центарот испраќаме порака за подобрување на соработката, на протокот на патници и возила и интензивирање на комуникацијата меѓу двете држави, изјави Јанкулоска.

Таа оцени дека ваквиот систем на работа го олеснува функционирањето на полициските служби. Потенцира дека локалниот ГП Џебиште – Требеишта се отвора по барање на жителите од овој регион од двете страни на границата.

– Ние најдовме заеднички сили и со меѓусебно разбирање од македонска и албанска страна ги исполнивме оние минимални технички услови за да проработи овој граничен премин, изјави Јанкулоска и изрази уверување дека овој ГП ќе им го олесни животот на граѓаните од овој регион.

Според албанскиот министер Нока, отворањето на Центарот, меѓу другото, претставува и продлабочување на соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи и држави во борбата против секаков вид криминал. Тој информира дека отворањето на Центарот се базира на Виенската конвенција за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа.

– Во областа на полициската соработка со Македонија сме пример во регионот. Со отворањето на Центарот ќе се зголеми и ефикасноста на полициските служби, а сето тоа во насока и на продлабочување на добрососедските односи меѓу Македонија и Албанија, изјави Нока.

Јанкулоска и Нока потпишаа и Меморандум за соработка меѓу секторите за внатрешна контрола на двете министерства, а го посетија и локалниот граничен премин Џепиште – Требеишта.

Министерката Јанкулоска истакна дека уште повисок степен на соработка со Република Албанија практично се манифестира на ГП Џепиште – Требеишта. Таа информира дека граничните служби на овој ГП функционираат на една заедничка контакт-точка за проверка на документацијата на патниците.

Од отворањето на локалниот ГП Џепиште – Требеишта од 2 мај годинава досега се регистрирани вкупно 726 патници од кои 117 се македонски, а 609 странски државјани.

Инаку, во 2011 година граничниот премин Ќафасан го поминале вкупно 835.522 патника од кои 371.487 се македонски, а 464.036 се странски државјани. Во 2012 година вкупно 885.611 патници го преминале граничниот премин Ќафасан од кои 407.275 македонски државјани и 478.336 странски. Во првото тримесечје од 2013 година на Ќафасан се регистрирани вкупно 160.260 патници од кои 68.274 се македонски, а 91.986 се странски државјани.

Одговарајќи на новинарско прашање за застапеноста на припадниците на албанската етничка заедница во македонското МВР и на Македонците во албанското МВР, министерката Јанкулоска нагласи дека во Република Македонија посебно внимание се посветува на имплементацијата на принципот на правична застапеност. Според неа, во последните 10 години направено е значително подобрување на застапеноста на сите припадници на етничките заедници, а бројките се близу до она што го рефлектира последниот попис. Конкретно во МВР, информира таа, застапеноста на припадниците на албанската етничка заедница се ближи до 20 проценти.

На истото прашање албанскиот министер за внатрешни работи Нока само посочи дека Република Албанија е демократска држава и се почитуваат целосно правата на малцинствата.

Би можело да ве интересира

Арсенал оружје пронајден кај вработен во МВР, обвинителството бара притвор

Катерина Ѓуровски

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он