Првична декларација на ВМРО ДПМНЕ -Демократска фракција

Од:

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ ја објавија својата првична декларација.

Декларацијата ја пренесуваме интегрално.

Врз основа на уставно загарантираните човекови слободи и права, заради остварување и заштита на личните и политичките слободи и права, а истовремено инспирирани од практикувањето на партиската демократија во европските сестрински народни партии, но истовремено свесни за одговорноста што ја имаме како долгогодишни партиски и политички личности, и затоа што имаме совест, разум и искрени чувства кон сопствената партија ја основавме првата

ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ е автономно организиран и структуриран дел од партијата, со поинакво поимање и пристап кон програмските определби, цели и приоритети на партијата, како и во заложбата за доследно практикување на изворните принципи на конзервативната идеологија. Се работи за изнуден, но пред сè принципиелен, патриотски и морален одговор на нашата сè поголема загриженост за правецот во кој се движи нашата партија како резултат на обидот за фамилијаризација на партијата, на неодговорниот, авторитарен и неетички начин на досегашното партиско владеење и управување.

Причините за формирање на фракцијата лежат во досегашно промовирање и водење недоследна партиска политика, распната помеѓу реалноста и фикцијата, безидејноста и импровизацијата, немањето капацитет и храброст да се биде самостоен наспроти внатрешниот и надворешниот притисок, како и политика распната помеѓу вистината и лагата, која, за жал, стана неизоставен елемент на политичкото опстојување.

Како долгогодишни партијци (најголем дел членови од самото основање на партијата) не можеме да се согласиме и да дозволиме понатамошна централизација и узурпација на партијата од страна на највисоки партискиот врв, како и создавање на нелогичните партиски сојузништва (коалиции) спротивни на иделошките определби на партијата. Не можеме и не смееме да дозволиме и понатаму членството да биде третирано како гласачка машина и во функција на личните интереси на раководната гарнитура, а најмалку тоа да биде манипулирано и користено како живо топовско месо за спас на сопствената кожа. Нема да дозволиме спротивното мислење и став или евентуално несогласување по однос на одредени прашања да се етикетираат како предавнички, петтоколонашки или непријателски.
Крајно време е да се стави крај на практиката граѓаните и членството да се вовлекуваат во измами од гигантски димензии преку медиумски вешто граден неморал и цинизам и на молкот и нишањето глава пред самобендисаната и популистичка реторика, која служеше како параван за реализација на личните и лукративни цели.

ВИЗИЈА НА ДЕМОКРАТСКАТА ФРАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

Визијата на Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ е исклучиво посветена во насока на зајакување на внатрепартиската демократија преку збогатување и динамизирање на внатрепартискиот живот, кој треба да придонесе за демократизација у релаксација на внатрепартиските односи и корелации и во создавање на услови за демократски процедури и постапки при донесување на партиски одлуки и ставови.
Внатрепартиска фракција ќе овозможи да се создадат услови за активна улога на членството, каде членството ќе биде во позиција да биде креатор на партиската политика преку автономното и мериторното одлучување и на тој начин сериозно да влијае на одредување на содржината и насоката на водењето на партиската политика.

МИСИЈА НА ДЕМОКРАТСКАТА ФРАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

Мисијата на Демократската фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување можност за организирано и јавно да се истакне и искаже поинаков став, несогласност, како и незадоволство од оној на партиското раководство, без притоа да се изрекуваат или очекуваат партиски санкции.
Фракцијата ќе се залага за секое клучно прашање или проблем во партијата и државата (во случај на постоење различни внатрепартиски видувања и ставови), да се отвари дискусија помеѓу партиското членство, при што усвоениот мнозински партиски став да биде доследно почитуван од сите членови на партијата.

ЦЕЛИ НА ДЕМОКРАТСКАТА ФРАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

Дејствувањето на партијата да се заснова на темелни демократски принципи и вредности: партиска слобода, меѓусебна солидарност и обезбедување на еднакви услови и еднаков пристап на секој член до секоја партиска и државна позиција и функција,
ВМРО-ДПМНЕ мора да го оправда својот префикс (додавка) и да стане обединувачка партија на сите прогресивни сили наместо досегашната политика раздели па владеј.

Да изградиме систем на имунитет, но и да ги победиме на секое поле ретроградните и мрачни партиско-политички сили за да се спасиме од неизбежната катастрофа што ни се заканува.

Да ставиме крај на манипулативното партиско владеење и управување. Наместо лагата, на пиедестал да ја ставиме вистината и вербата во поубава иднина, а манипулативното да го замениме со чесно владеење и управување.

Стимулација и развивање на демократска свест и партиципатива политичка култура – ВМРО-ДПМНЕ да стане партија каде што секој политички конфликт или какво било друго недоразбирање ќе се модерира според начелата на демократијата, дијалогот, толеранцијата и постигнување консензус помеѓу клучните партиски фактори за најзначајните прашања.

Фракцијата да стане доверлив и вистински коректив на сите недемократски, незаконски, нестатутарни и неетички партиски и политичко-општествени случувања и дејствувања.

Донесените партиски одлуки да добијат и на тежина, односно на квалитет и да бидат широкоприфатени и практикувани од членството.

Да се детектираат сите сериозни критички точки во функционирањето на партијата и државата и притоа да се понудат конкретни решенија за актуелните проблеми и состојби.

ПРИНЦИПИ НА ДЕЈСТВУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТСКАТА ФРАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

1. ШИРОК И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОР НА НОСИТЕЛИ НА ПАРТИСКИ ФУНКЦИИ НА СИТЕ НИВОА, ИСКЛУЧИВО ИЗБРАНИ ОД ЧЛЕНСТВОТО – почнувајќи од лидерот на партијата, па до сите други партиски функции на сите нивоа на организираност на партијата.
2. ПРАКТИКУВАЊЕ НА РЕАЛНА КАДРОВСКА (ПАРТИСКА И ДРЖАВНА) ПОЛИТИКА заснована врз вредносни постулати: стручност; одговорност; отчетност, правичност и интегритет на личноста.
3. ИНТЕГРИТЕТ НА ПАРТИСКИТЕ ОРГАНИ И ТЕЛА кои не смеат да бидат подложни на притисоци и манипулации од каков било вид, елиминација на досегашните фамилијарности, партиски и лични анимозитети во секојдневното извршување на доверените и договорените задачи и обврски.
4. ЛЕГАЛИТЕТ И ЛЕГИТИМИТЕТ НА ДОНЕСЕНИТЕ ПАРТИСКИ ОДЛУКИ И СТАВОВИ – одлуките мора да бидат донесени во легитимна и легална постапка согасно уставните, законските и статуратните одредби.
5. НОВА РЕАЛНА ЕКОНОМСКА ПОЛИТИКА – Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ предлага нов економски концепт на забрзан економски развој, заснован врз концентрирано знаење и оптимална употреба на материјалните ресурси наспроти секојдневното задолжување и шминкање на неодржливиот економски систем на продажба на евтина работна сила и распродажбата на националните ресурси и интереси; како и запирање на трендот во економијата, кој произведува екстремно богато и политички заштитено бизнис-малцинство и сиромашно мнозинство.
6. МАКСИМАЛНА ПАРТИСКА ДЕМОКРАТИЈА – воспоставување вистински и реален партиски плурализам на размисли, ставови и идеи.
7. ПРОЧИСТУВАЊЕ НА ПАРТИЈАТА ОД КРИМИНАЛНИТЕ И АМОРАЛНИ СТРУКТУРИ И ОД ЛОВЦИТЕ ПО ФУНКЦИИ.
8. МОРАЛ ВО ПОЛИТИКАТА – политиката не смее и понатаму да се поистоветува со најстариот занает на светот, туку како професија заснована на морални принципи, вредности и доблести.
9. ВОВЕДУВАЊЕ ПРИНЦИП НА ЗАСЛУГИ И НАГРАДИ ЗА ВЛОЖЕН ТРУД, ЛОЈАЛНОСТ И ПОСВЕТЕНОСТ КОН ИЗВРШУВАЊЕ НА ПАРТИСКИТЕ ЗАДАЧИ – ГЛАВЕН ПРИНЦИП НА ПАРТИСКО-ПОЛИТИЧКО КАРИЕРНО НАПРЕДУВАЊЕ
10. ТРАНСПАРЕНТНОСТ ПРИ КРЕИРАЊЕ НА КЛУЧНИТЕ СТАВОВИ ЗА ВОДЕЊЕТО НА НАДВОРЕШНАТА И ВНАТРЕШНАТА ПОЛИТИКА И ВО БОРБАТА ЗА ОСНОВНИТЕ НАЦИОНАЛНИ И ДРЖАВНИ ИНТЕРЕСИ ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ – воспоставување транспарентен партиски демократски модел на надворешна политика, со демократска контрола и отчет, а на надворешен план насочен кон заштита на виталните државни и национални интереси на Република Македонија. Заштитата на виталните интереси, пред сè, подразбира користење на сите политички и правни средства за воспоставување целосен меѓународно-правен субјективитет на уставното име на Република Македонија во Обединетите нации, исправање на досегашната нанесена неправда со барањето за промена на името вклучувајќи ја и борбата за дипломатското признавање на уставното име Република Македонија од сите членки на Обединетите нации. Поради недемократското и нетранспарентно донесување одлуки во тесен круг на едномисленици во претходниот период, беше запоставена борбата за стратешките надворешнополитички цели и не беа употребени сите можни дозволени средства и инструменти за реализацијата на автетичните национални интереси на Република Македонија на меѓународен план.
11. ВИСТИНСКИ ВРЕДНОСТИ НА ВИСТИНСКО МЕСТО – Демократската фракција ќе го ревидира досегашниот негативен и флегматичен однос на партиското раководство кон сите творечки и интелектуални потенцијали на партијата, особено кон младите и специјализирани кадри кои масовно ја напуштаат државата. Максимална заложба за валоризација на реалните човекови, правни, морални и други вредности и квалитет за да си го најдат своето вистинско место како во партијата така во државата.

ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ ќе ја релизира зацртаната визија, мисија, цели и принципи преку:

Јавно промовирање на фракционерските ставови, анализи, ставови и размисли.

Организирање предавања, дебати и конференции со определени целни партиски и други групи од затворен и отворен карактер.

Промовирање на култура на партиципативност и мотивирање за учество во политички процеси.

Промовирање на концептите на критичко мислење, дебатирање со цел демократизација и развој на социо-културните политики.

Формирање центар за развој на политичка култура, слободна мисла и партиципативна демократија.

Би можело да ве интересира

Петрушевски: Владата на СДС и ДУИ ги заглави Национални шуми, еден милион евра ненаплатени побарувања, за 800.000 нема никакви податоци

Николовски за 100 дена Влада: Нула мерки и закочени субвенции

Катерина Ѓуровски

Лефков: ДЗР констатира Владата на СДС и ДУИ со авторски договори ангажирала лица кои не вршеле работа од тој тип, ниту имало потреба за тоа

Тренчевска: Платите се намалуваат, се враќа политиката на евтина работна сила

Катерина Ѓуровски

Лефков: Владата на СДС и ДУИ вршела исплати кон добавувачи за проекти без целосни информации дали средствата се искористени за намената која требало

Катерина Ѓуровски

Кој навредува, а кој не знае да чита – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со обвинувањата

Катерина Ѓуровски