Вкупно 24.952 места се слободни на петте државни универзитети во Македонија за упис во прва година во академската 2015/2016 година. Пријавувањето на кандидатите во првиот рок е денеска и утре на универзитетите во Скопје и Охрид. На универзитетите во Битола и Штип пријавувањето почна вчера и ќе трае денеска и утре, на Државниот универзитет-Тетово првиот уписен рок ќе биде од 18-ти до 21 август.
На најстариот и најголемиот – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, слободни се 10.669 места, од кои 6.330 за редовни студенти во државна квота, 3.164 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.175 за вонредни студенти. Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 3 септември, а третиот на 16 септември на факултетите на кои ќе има слободни места.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола слободни се вкупно 3.803 места, од кои 2.090 за редовни студенти во државната квота, 965 за редовни со кофинансирање на студиите и 748 за вонредни студенти. Вториот рок за запишување на УКЛО е на 2-ри и 3 септември и третиот на 14 септември.
На Државниот универзитет-Тетово за 2015/2016 слободни се 4.650 места. Од нив, 2.245 за редовни студенти во државната квота, 2.045 за редовни со кофинансирање и 360 за вонредни студенти. Запишувањето на ДУТ во првиот рок ќе почне идната недела. Вториот рок е од 1-ви до 4 септември.
Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип објави конкурс за 5.390 места, од кои 3.172 за редовни студенти во државна квота, 1.208 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.010 за вонредни студенти. На УГД вториот уписен рок е на 24-ти и 25 август, а третиот на 4 септември.
Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид има 440 места за студенти во наредната академска година. Од нив 220 места се за редовни студенти во државна квота, 110 за редовни со кофинансирање на студиите и 110 за вонредни студенти. Вториот уписен рок е на 3 септември и третиот на 16 септември.
Критериумите за упис и други информации за аплицирањето се наведени во конкурсите на универзитетите кои се објавени на нивните веб-страници.
Министерството за образование и наука неодамна го објави и Конкурсот 30/35 наменет за жени над 30 и мажи над 35 години кои немаат високо образование или не го дооформиле.
Во рамки на овој проект, кој МОН го реализира шеста година, за 2015/2016 се обезбедени вкупно 670 слободни места, од кои најмногу на Државниот универзитет-Тетово (315), на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје 230, на „Гоце Делчев“-Штип 80 и на „Климент Охридски“-Битола 45 места. На кандидатите им се на располагање вкупно 44 студиски програми, во најголем дел технички, на 16 факултети од четирите универзитети. Тие самите ги утврдуваат критериумите и роковите за упис.