Протестираат вработените во „Флораком“ и „Луна“, си ги бараат заостанатите плати

Од:

Вработените од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје денеска третпат излегоа на протест поради неисплатени две плати. Работниците, кои два часа го блокираа булеварот „Илинден“, се оставени без плати и без здравствено осигурување, изјави претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски.

Досега не е исплатена платата за јуни, а за три дена треба да се исплати и платата за јули, за која, како што рече, за жал немаат сигнали од раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје дека ќе се исплати.

– Меѓу вработените имаме хронично болни, онколошки случаи, лица со стентови, со тешки болести. Ова од страна на раковоството на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје веќе е крајно нехумано бидејќи со неисплаќањето плати вработените се приморани да протестираат на овие пеколни горештини, над 40 степени. И за жал на тој начин уште повеќе да им се влоши нивната здравствена состојба, истакна Кашиковски.

Тој информира дека дел од вработените од „Флораком“ и „Луна“ во текот на вчерашниот дел се виделе со раководството и со директорот на „Паркови и зеленило“, но за жал, како што рече, решение на проблемот од страна на директорот не беше кажано.

Од страна на Град Скопје пред две недели беа изгласани субвенции во износ од 80 милиони денари, кои се доволни не само да се исплати платата во овие две друштва со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“,туку пари доволни да се исплати и платата на вработените во „Паркови и зеленило“. За жал, повторно вработените не добија конкретен одговор кога ќе им се исплати платата. Ветувањата се дека ќе биде, потенцира Кашиковски.

Апелираше до основачот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје – Град Скопје и до раководството на Град Скопје да се вклучи во решавање на овој проблем.

Наташа Алексовска, вработена во „Флораком“ изјави дека нејзините колеги на 40 степени работат макотрпно за да произведат расад и садници за да се задоволат потребите на градот. Потенцира дека бараат од раководството на „Паркови и зеленило“ да им го реши проблемот и апелираше до Град Скопје да се заинтересираат зошто не можат да се обезбедат средства за нив, за разлика од вработените во „Паркови и зеленило“.

– Покрај платата, што не се исплаќа редовно, се случува последните месеци да немаме и здравствено осигурување. Тоа многу не засега бидејќи дел од колегите сме со хронични болести и не можеме да ја примиме редовната терапија. Не можеме да ги правиме потребните контроли. ЈП „Паркови и зеленило“ земаат редовно плата, со мали задоцнувања, изјави Алексовска и додаде дека ако не се реши нивниот проблем, ќе продолжат со блокирање улици.

Би можело да ве интересира

Вработените од Флораком и Луна ја блокираа „Илинденска“, си ги бараат неисплатените плати

Левица: Платите на функционерите растат-платите на работниците стагнираат, власта да поддржи зголемување на минималната плата

Штрајк на наставниците во Тел Авив, судот го ограничува времетраењето на прекинот на работата

Штрајкуваат вработените во јавниот превоз во Грција

Дурмиши: Утре ќе биде потпишана платата за вработените во Инспекторатот за труд

Љутков: Свесен сум дека не ги дадовме платите пред Велигден, но конечно го решивме проблемот