Протестен перформанс против неконтролираната урбанизација на охридското крајбрежје

Од:

Активисти и поддржувачи на повеќе еколошки здруженија и граѓански иницијативи денеска го кренаа гласот против неконтролирана урбанизација на охридското крајбрежје. Тие пред општинската зграда во Охрид одржаа протестен перформанс, на уметнички начин посочувајќи на опасноста што на Охридското Езеро и крајбрежјето им се заканува преку злоупотреба на недоследностите во легислативата со која се уредуваат градежните активности.

Мирниот протест го организираа Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и здружението „Стар Лагадин“, поддржан од „Go green – Биди зелен“, „Фронт 21/42“ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.. Целта е да го свртат вниманието на институциите и на јавноста кон сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО поради уништувањето на крајбрежјето и езерото со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем.

Мирослав Котевски, претседател на Здруженеито „Стар Лагадин“ во име на жителите на населбата побара од локалната власт Општината да се заложи за поништување на Општиот акт за село Лагадин, најмалку со стопирање на сите издадени и идни дозволи за градење, како и да ја поддржи иницијативата поднесена пред Уставниот суд за поништување на самиот Акт.

– Општиот акт е дело на претходната владејачка гарнитура во Охрид. Доколку и оваа власт и оваа Влада не направи ништо против Општиот акт, тоа значи соучесништво, односно дека заеднички се организираат во криминал, рече Котевски.

Истовремено, тој побара прогласување мораториум на сите градежни активности на крајбрежјето на Охридското Езеро, согласно препораките на комисијата на УНЕСКО.

Трајче Талевски од Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ изрази задоволство што се усвоени заклучоците од Надзорната расправа штo се водеше во Собранието на РМ, за почитување на барањето на УНЕСКО за прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи и додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола.

Тој посочи дека она што изминатите години и моментално се случува на езерското крајбрежје е еколошка катастрофа, бидејќи се вршат градежни зафати што се спротивни на елементарните природни законитости.

– На брегот кај Струга се врши тампонирање на крабјрежјето под изговор дека се работи за амбиентални зафати. Со бетонирање се уништуваат живеалишта на растителни и животински видови. Од болницата „Свети Еразмо“ накај Охрид е приватизирано целото крајбрежје, со подготовка за изградба на урбани блокови, сето тоа затскриено од јавноста. Во самиот град се градат над 300 објекти, иако Охрид нема толкав капацитет за урбана експанзија, се легализираат дивоградби, што е легализирање криминал, рече меѓу другото Талевски.

На протестот се приклучија и жители на Охрид, засегнати од проблемот од непланската урбанизација во градот и на крајбрежјето.

– Градот се упропастува, се обезличува, физички се попречуваат отворените површини, се затвора светлината, нормалното струење на воздухот. Во населбата „Бејбунар“ со над илјада станови, изградена согласно урбанистички план од 1976 година, спротивно на законски дозволени отстапувања и оддалеченоста на зградите, се вцртуваат маркици за нови седум и деветкатници. Затоа сме тука за да се слушне и нашиот глас, се она што го водиме како борба против институциите на системот, рече Белинда Андоноска во име на месните заедници од населбата „Бејбунар“.

Еколошките активисти истакнаа дека по легален пат од Општина Охрид се чека на одредени барања за одредени документи за кои се смета дека се потребни за натамошното нивно делување, поднесени се одредени барања пред Уставниот суд и Комисијата за пристап до информации од јавен карактер.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on