Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ денеска на градските плоштади во земјава организира мирни протести на кој ќе им оддадат почит на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Таков протест се одржува и Градскиот плоштад во Скопје, каде има насобрано повеќе илјади граѓани. Граѓаните палат свеќи за загинатите во несреќата.
„Македонија повторно е завиена во црно. Уништени и во грч седиме пред екраните во исчекување на нова поголема бројка, во исчекување на нова поголема тага. 59 млади лица не го видеа денешниот ден. Дупло повеќе се во болници и тешко повредени. Ние, како и децата во дискотеката, сме повторно беспомошни и оставени сами на себе. Во овие траорни денови, Македонија треба да биде заедно. Треба да си бидеме рамо за плачење и треба да си дадеме еден на друг утеха, ако воопшто и можеме. ,,Кој е следен?” повикува на заедништво во ужасов. Ги повикуваме сите луѓе низ цела Македонија, денеска во 18 часот да се соберат на плоштадите од своите градови и да не поминуваат низ ова сами. Повикуваме во чест на починатите да се поделат црни ленти, за како народ да покажеме дека згаснатите животи нема да бидат заборавени. Тек допрва ќе доаѓаат црните денови за нас, а низ Македонија заедно ќе се тагува и плаче. Така, ќе треба и Македонија заедно да се лечи. Изразуваме длабоко сочувство до фамилиите и нека им почиваат души во мир“, се вели во објавата на иницијативата „Кој е следен?“.
Со 16 минутен молк на плоштад „Македонија“ во Скопје започна собирот на граѓани во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани. Илјадници граѓани се собраа да изразат поддршка и грижа во овие најтешки моменти. Создавајќи ѕвездено небо присутните изразија сочувство и заедништво.
Низ транспарентите како „Народот страда додека системот одмара“, „Грутка во грлото, солзи во очите, не сте сами“, „Корупција пали, невини горат“, „Заради гнилиот систем, гниеме млади“, „Рекордери во денови на жалост“, „Младината ни изгоре во корупциски казан“, „Од алчност децата ги претворивте во пепел, а родителите ги завивте во црно“, „Сите години молчење завршуваат со едноминутен молк“, граѓаните го искажаа својот револт и повик на одговорност.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што избувна за време на настапот на музичкиот бенд „ДНК“ на 16 март загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.