Веб-страницата „Vakcinacija.mk“ (https://vakcinacija.mk/) на која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против Ковид-19 од попладнево е функционална. Од моментот кога беше пуштена во функција се појавија проблеми со верификацијата преку мобилен телефон. Во меѓувреме овој дел од аплицирањето е отстранет. Во текот на денот неколку пати веб страницата беше и недостапна, односно се појавуваше серверска грешка поради оптовареност.
– Граѓаните потребно е да ја пополнат апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19. Со пополнувањето на формата, се регистрирате директно во националниот систем „Мој Термин“. Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина, информира Министерството за здравство.
Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
– Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација на Република Северна Македонија. Единствениот начин за да го победиме вирусот е со вакцинација против КОВИД-19. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини, информира Министерството за здарвство.