Отпуштени работниците во хотелот Славија, пропаѓаат ли инвестициите на Субрата Рој?!

Од:

Најголем дел од работниците во хотелот „Славија“ во Охрид, кој контроверзниот индиски милијардер го купи, повеќе не одат на работа односно нивниот работен однос престанал. Целата фама околу огромните инвестиции на индискиот бизнисмен како да ја снема. Скоро никој од властите веќе не коментира за комплексот со хотели,казина, станбени и рекреативни објекти во вредност од стотици милиони долари што требаше да се гради во Љубаништа.

Од „Сахаријан Македонија“во Скопје велат дека на работниците кои работеа во хотелот „Славија“ им завршил договорот и дека во хотелот наскоро ќе започнел нов процес на реновирање.

Во хотелот „Славија“ нема отпуштања на вработените туку им завршија договорите. Се подготвува процес на реновирање на „Славија“ и во исто време се врши вработување на лица кои би го направиле тој процес внатре бидејќи тоа е голем проект, не е баш едноставен. Не се отпуштаат луѓе поради тоа што нешто се случува туку едноставно договорите на тие луѓе што во моментот биле потребни, не им се продолжени, односно не е потребен таков тип на кадар – велат за А1ОН од „Сахаријан Македонија“ во Скопје.

Во однос на најавените инвестиции на комплексот со хотели и казина во Љубаништа, од фирмата на Субрата Рој не упатија прашањата да ги поставиме кон Општина Охрид затоа што Sahara се уште немаат никакви обврски во тој однос.

Процесот во Љубаништа е многу голем и тоа треба да се јавите во Општина Охрид затоа што таму има голем број на дозволи и останати документи што треба да се дадат. Како што знаете, таму се вршеа археолошки ископувања, има голем дел од земјиштето што не е државно. Можете да се јавите најдобро во Општината и да ви објаснат до каде е процесот бидејќи се уште нема никакви обврски од страна на Sahara во тој однос. Таму работите се уште се на терен и се уште се одвиваат од страна на Општината. Процесот не може толку да се забрза затоа што се следат одредени работи во законите бидејќи тоа не е мало земјиште. На пример ако се пронајдат некои археолошки ископувања таму не може ни да се гради – рекоа од фирмата на Субрата Рој.

Од кабинетот на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески иако најавија дека ќе дадат изјава за А1ОН во однос на планираните инвестиции на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, околу престанокот на работниот однос на најголемиот дел од вработените во хотелот „Славија“ кој сега е во сопственост на индискиот милијардер и за тоа дали се уште Бакрачески е цврсто уверен во реализирањето на тие инвестиции како што тврдеше пред неколку месеци, сепак од Одделението за односи со јавност не одговорија на нашите повици. Не одговорија ниту пак која е причината за молчењето за овие инвестиции.

Дали овие мегаломански инвестиции, со кои ВМРО – ДПМНЕ на последните два изборни циклуси собира политички поени пред гласачите, ќе се остварат или сепак, како и многу други најавени инвестиции до сега, ќе останат само илузија за граѓаните.

Контроверзниот индиски магнат пред извесно време беше притворен во Индија. Според индиското обвинителство, неколку фирми од неговата групација заработиле 3,9 милијарди долари за кои подоцна се утврдило дека се нелегални.

Ф.Ј.
Фотографијата е превземена од www.hotelsmacedonia.eu.mk

Би можело да ве интересира

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on

Претреси во Охрид поради лихварство и изнуда, уапсено е само едно лице