МВР во вчерашната акција поврзана со нападот на полициската станица за гранична контрола „Гошинце“ што претставува „терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста“ пронајде и заплени дел од одземеното службено оружје, кое е дадено на вештачење и трага по осомничено 55 годишно лице од село Брест и по останатите членови на групата за кои има индиции дека го извршиле нападот, информира денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Во содејство со специјалните единици на МВР извршен е претрес во домот и други простории во селото Брест и на една локација во село Брњарци на 55 годишниот осомничен, за кое МВР има сомневања дека било дел од групата што ја нападна полициската стница, при што се пронајдени и одземени две автоматски пушки, со пет рамки и 100 куршуми, две снајперски пушки, со три рамки и 20 куршуми, 10 пиштоли, со 22 рамки и 9 куршуми, футрола за пуштол, една радио станица, маскирна униформа со ознаки „УЧК“, како и делови од облека и други предмети.
Според првичните анализи, утврдено е дека станува збор за дел од службеното оружје, што беше одземено при нападот на полициската станица „Гошинце“ и е предадено на вештачење. По завршување на вештачењата ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство.
Министерката Јанкулоска меѓу другото нагласи дека полицијата има индиции и повеќе можни сценарија за настанот, но сликата ќе биде јасна кога ќе има изјави и осомничени лица кои ќе кажат, условно речено, свои аргументи и образложенија во постапката.
На барање на новинарите да ги коментира информациите во јавноста за вмешаноста на Мирсад Дрецај во нападот на полициската станица „Гошинце“, Јанкулоска нагласи дека за осомничени може да се говори откако ќе се поднесе конкретна кривична пријава против јасно идентификувани лица.
– Во оваа фаза на истрагата можам да кажам дека индициите и оперативните сознанија со кои ние располагаме во овој момент, а се релевантни за истрагата, водат во насока на можна инволвираност и на лицето кое вие го споменавте, рече министерката Јанкулоска.
За системот на обезбедување на границата, појасни таа по барање на новинарите, МВР користи комбинација на мерки кои опфаќаат повеќе аспекти на обезбедување. Северната граница освен со современите методи и тактики на обезбедување на границата усогласена со ЕУ и се потврдени како соодветни за обезбедување на таков терен, се обезбедува заеднички и со двете земји, а се почитувани и применети се највисоките стандарди за обезбедување на државната граница.
– Секогаш постојат ризици и тие се присутни не само на нашата граница и не само на северната страна. Ризици постојат и во другите држави и тие се справуваат на начин кој најмногу одговара на географското опкружување на секоја држава. Така и РМ и соседите градат заедничка стратегија и практика заота што сепак обезбедувањеот на државната граница не е прашање само на една земја, појасни Јанкулоска.
Во однос на тврдењата дека „Гошинце“ е фингиран случај на власта, Јанкулоска децидна дека тоа може да се протолкува само како обид да се внесе дополнителен раздор и немир кај граѓаните на РМ, бидејќи и самиот настан, подвлече, влијаеше на чувството на сигурност на граѓаните и дополнително да се девалавира готвеноста на безбедносните сили.
– Фактите и времето ги демантираше оние кои излегоа со вакви конструкции, не само дека не се во право, туку и дека безбедносните служби се подготвени и имаат капацитет професионално на одговорат на секоја задача, истакна министерката за внатрешни работи.
Според неа, сите активности преземени деновиве по настанот покажуваат дека не само што таквите тези и шпекулаци се бесмислени и се продукт на конструкција која што не само е тешко да се замисли, туку покажува дека МВР е на висина на задачата.
На прашањето колку ДУИ и заменик-министерот за внатрешни работи се вклучени во истрагата за целиот случај, Јанкулоска нагласи дека во МВР не се делат коалициски работите, а во овој случај работат многу полициски службеници од сите етнички заедници. Потврди дека сите во МВР придонесуваат за конечно разрешување на случајот.
Таа информира дека продолжува соработката со косовската полиција со која се разменети сите информации релевантни за конкретниот случај и други аспекти кои би можееле да дадат резултат за откривање на сторителите и нивно лишување од слобода. Се соработува, подвлече, и со сите други претставници на безбедносни служби кои може да имаат релевантна информација која ќе води до финално лишување на лицата кои би биле идентификувани како сторители односно учесници во нападот на полициската станица „Гошинце“.
На новинарско прашање дали УБК има доставено до неа како министер за внатрешни работи информација која е странската служба која му ги дала прислушуваните материјали на СДСМ и дали ќе поднесе кривична пријава против Зоран Заев односно СДСМ, Јанкулоска потврди дека УБК сите информации со кои располага ги има предочено до надлежните институции.
– Дали ќе поднесам кривична или каква било пријава е прашање кое не е поврзано со функцијата министер за внатрешни работи. Во улога на жртва не сметам дека е потребно јавно да зборувам на прес-конференција. Сите жртви на овој конкретен кривично-правен настан ќе одлучат дали и какио ќе поднесуваат соодветни проднесоци, рече Јанкулоска.