Нови 14 наслови на универзитетски книги преведени и објавени на албански јазик од областа на туризмот и бизнис логистика, визуелните уметности, природно-математичките науки, транспорт и телекомуникации, и механички и електротехнички науки денеска беа промовирани во просториите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, како што соопшти Министерството, на промоцијата порача дека важноста и улогата на книгата отсекогаш биле скапоцени и незаменливи и дека внатрешноста на секоја книга во себе ги чува најголемите богатства кои ги создава и ги поседува една личност.
– Книгата нема возраст. Таа се става во служба на секоја индивидуа, без разлика на возраста, професијата или обемот на знаење. Книгата е водич за секој поединец во утврдувањето на интелектуалните способности кон поздрава, посигурна и понадежна иднина. Колку што човекот повеќе знае, толку повеќе му е пријател книгата, рече тој.
Владата на Македонија, потсети Адеми, во 2009 година започна со реализирање на проектот Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија.
– Досега се преведени вкупно 919 наслови, рече Адеми, но овој проект кој е од особено значење за нашите студенти, сега е во завршна фаза и се очекува на почетокот на следната година да се промовираат 81 останат наслов за превод и објавување.