Здружението на судиите на Република Македонија во соработка со Амбасадата на САД, денеска ја промовираа публикацијата „Правна анализа“ во рамките на проектот „Зајакнување на независноста на судиите во Република Македонија – подобрување на капацитетите на судството“.
Предмет на анализата, како што рече претседателот на Здружението на судии на РМ Џемали Саити, е насочен кон анализата на казнената политика во судовите во Македонија и практичната примена на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и кон примената на алтернативните мерки со акцент на пробацијата во државава.
– Проектот е отпочнат пред една година. Беше реализиран преку испитување на јавното мислење на судиите, а беше направена анализа на преку 1.500 пресуди и други материјали кои се однесуваат на казнената политика и на примената на законот во однос на одмерување на казните, рече Саити.
Во контекст на тоа, додаде дека извлекле соодветни заклучоци и покрај фактот што Законот за одмерување на казните е укинат пред Нова година со одлука на Уставниот суд.
– Сепак овие наоѓања ќе ги користиме во однос на тоа дали некогаш такви напатствија можат да бидат факултативни во врска со постапувањето на судиите, односно да не се повторат грешки кои задираат во однос на независното одлучување на судиите при нивното постапување, истакна Саити.
Потсети дека во изминатиот период беа спроведени повеќе анализи, притоа посочувајќи ја првичната анализа изготвена пред три години од ОБСЕ во која беше истакнато дека казните се движат кон нискиот праг на пропишани казни.
– Со воведувањето на Законот за одмерување на казни тој праг се зголеми, но со тоа се доведовме во ситуација да ги загрозиме примената на алтернативните мерки, бидејќи прагот кој што го бараат овие мерки се помести на нагорна линија. Токму од тие причини во оваа анализа ги согледуваме ефектите на законите меѓу себе и како се одразуваат на ориентацијата на Владата за примената на алтернативните мерки, додаде Саити.
На промоцијата пред судии, обвинители, адвокати и други правни практичари, како и претставници од академската заедница во Македонија свои излагање имаат авторите Џемали Саити, Беса Арифи, Шпенд Деваја и Андреј Божиновски.