Велес и Струмица се две нови општини кои се приклучуваат на програмата Romacted, која денеска беше промовирана пред ромската заедница во Велес. Програмата во Македонија се спроведува од 2011 година и досега се опфатени вкупно 12 општини.
Станува збор за регионална програма на Советот на Европа, а во Македонијa се спроведува преку Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ и членови на проектната канцеларија.
Програмата ќе биде имплементирана од тимот на Советот на Европа за Роми и Патувачи (Номади) и Канцеларијата на Генералниот Директорат на Програмите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Македонија и Турција.
-Целта на програмата е да им се даде на Ромите да одлучуваат и да бидат фактори и актери во процесот на давање на одлуки на локално ниво.За таа цел ќе се формираат локални акциони групи,претставници од Ромската заедница и општината.Градоначалникот ќе делегира лица раководители на сектори кои ќе бидат одговорни за заедничките проблеми и ќе разговараат за горливи проблеми на Ромската заедница во Велес, појасни Ферди Исмаили координатор на програмата.
Информира дека идејата е претставниците на ромската заедница да се состануваат внатре во просториите на Општината и да не чувствуваат бариери дека општината е затворена туку е отворена и за Ромите.
Појасни дека тие пред две недели оствариле средба со градоначалникот Аце Коцевски кој дал поддршка на програмата и за таа цел потпишале меморандум за соработка.
– Ние имаме фасцилатор кој ќе ги издвојува најгорливите проблеми на Ромската заедница, а наша задача ќе биде да ги застапуваме на локално и меѓународно ниво и да изнајдеме можности за финансирање на одредени горливи проблеми поврзани со ромската заедница. Ние како и досега ќе правиме напори да аплицираме за добивање финансиски средства преку разни фондови, грантови, амбасади на ЕУ, појасни Исмаили.
Тој посочи дека во изминатите години во десетте општини каде се спроведува програмата реализирале голем број најчесто проекти од областа на инфраструктурата и според него жалосно е што во 21. век голем дел од ромското население во местото на живеење нема уредени улици, вода и канализација, поради што и се реализира оваа програма.
-Таму каде што асфалтот завршува и започнува калта таму започнува ромската заедница и за жал нашите деца се уште преку каливи улици со кал на чевлите одат на училиште и се срамат пред своите другарчиња,затоа ние работиме што поскоро да се сменат работите на тој план, потенцира Исмаили.