Развојна, реална и остварлива Програма за развој на општина Босилово за наредните четири години, со точно определени рокови на реализација, како што истакна на вечерашната промоција, им нуди на граѓаните од оваа општина кандидатот и актуелен градоначалник од ВМРО ДПМНЕ Љупчо Колев.
-Примарно место во моја Програма има економскиот развој на општината, преку трите индустриски зони. Изградба на нов водовод во Моноспитово, реконструкција на домовите на културата во селата, подобробување на комуналните услуги и развој на социјалната заштита. За реализација на мојата Изборна програма, ќе соработувам со секој чесен, стручен, способен и добронамерен човек. Наша крајна цел е општина Босилово да ги достигне стандардите на европската локална власт, рече Колев осврнувајќи се и на сите проекти што се реализирани во општината во периодот додека тој бил нејзин прв човек.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој присуствуваше на промоцијата на Колев, истакна дека успехот е загарантиран доколку секој сериозно се залага да го оствари ветеното.
– За нас во ВМРО ДПМНЕ ветениот збор тежи и вреди. Ако си го дал зборот тогаш треба и да се оствари. Подобро не го ветувај она што не можеш да го оствариш. Токму затоа вашата општина е добар пример. Тоа е резултат на чесната и домакинска работа,што вашата општина на чело со градоначалникот Љупчо Колев го правеше во изминатите четри години. ВМРО ДПМНЕ покажа дека власта и политиката можела да работи поинаку. ВМРО ДПМНЕ покажа дека можело заедно со граѓаните да се решаваат конкретни проблеми преку конкретни проекти, кои заедно се реализираат. Секогаш кога на предизвиците ќе им се пристапи искрено и реално, се постигнуваат успеси, рече Ставрески.
Осврнувајки се на актуелните состојби во економијата и предизвиците што ги наметна светската криза, тој ги посочи низата мерки што Владата ги презеде во изминатиот период се со цел побезболно да се надминат последиците.
– Само во изминатите шест години Владата даде 500 милиони евра субвенции за земјоделците, а нови 700 милиони се предвидени за наредните четири години. Тоа се 1,2 милјарди евра за македонските земјоделци. Токму по ова и по многу други работи ние се разликуваме од СДСМ, која ги тепаше земјоделците од Куклиш. Народот памети и не може да заборави дека тие се истите лица, рече Ставрески.
Зборувајки за реализираните проекти на актуелниот градоначалник и кандидат Љупчо Колев, Ставрески истакна дека во изминатиот период во општина Босилово е направено и реализирано повеќе во однос на сите три предходни мандати и практикување локална власт.
– Ние ја бараме вашата подршка врз база на нашите реализирани проекти и дела. Љупчо Колев нуди реална и остварлива Програма за развој на општина Босилово на која со отварањето на новиот рудник за бакар и злато во Иловица и се отвара перспектива на динамичен развој и нови работни места за граѓаните од целиот овој регион, рече Ставревски.