Промовирана национална платформа за електронски упис на првачиња

Од:

Првоодделенците за претстојната учебна 2021/2022 година првпат ќе може да се запишат и електронски. Уписот е во мај како и во минатите години, но годинава родителите не е потребно да доаѓаат во училиштата, туку документите за своите деца ќе ги поднесат онлајн преку националната платформа за електронски упис на првачиња.

Министерството за образование и наука ја промовираше денеска, ја изработи во соработка со Центарот за управување со промени (ЦУП), а проектот е финансиран од Амбасадата на Велика Британија.

-Оваа е-услуга го олеснува пристапот на родителите при упис на нивните деца во образованието. Тоа ќе може да го направат дигитално, со прикачување на сите документи што им се потребни, а откако ќе заврши тој административен процес, имаат една посета во училиштето за средба со педагог и проценка, изјави министерката Мила Царовска на промоцијата на платформата во ООУ „Вера Циривир-Трена“ во Карпош.

Соопшти дека во соработка со ЦУП и Британската амбасада дигитализирани се голем дел од услугите на МОН – аплицирање на конкурсите за стипендии за ученици и студенти и за прием во домовите, дигитално е нострифицирањето на странски дипломи и свидетелства, како и аплицирањето на општините до МОН за инфраструктурни проекти и реновирање на училишта.

-Како Министерство сме посветени да го осовремениме образованието, што се гледа и низ концепцијата, и низ новиот закон за учебници и новиот закон за наставници. Почнуваме да фаќаме тек со современиот свет за да може да имаме подобар човечки потенцијал. Дојде времето кога треба да ги направиме првите чекори. Каде ќе стигнеме и што ќе постигнеме ќе знаеме за пет години од денеска. Но, сигурна сум дека ако интензивно и посветено работиме – наставници, директори, градоначалници, родители, ученици, нашето образование веќе нема да биде срам за регионот и светот, туку ќе стане гордост, истакна Царовска.

Извршната директорка на ЦУП Неда Малеска-Сачмароска рече дека изработиле голем број дигитални административни услуги кои го олеснуваат животот на граѓаните, а дека големо задоволство е што процесот на дигитализација го почнале во образованието со неколку значајни услуги.

-Преку нив се подобрува пристапот до институциите, се намалува времето на чекање и гужвите, а ќе се подобри и информираноста кои документи треба да се достават при упис во осново училиште, рече Малеска-Сачмароска.

Ричард Малион, претставник на Амбасадата на Велика Британија, која го финансираше проектот за дигитализација на неколку услуги, истакна дека се среќни што може да поддржат воспоставување услуги од кои директно имаат корист многу семејства во земјава.

-Дигитализацијата на услугите е суштинска за модернизација и реформа на владите и администрациите, бидејќи транспарентни, јасни и достапни услуги се во центарот на напорите за добро владеење и борба со корупцијата. Се надеваме дека овој мал проект, што воспостави седум услуги, ќе го означи патот кон поголема работа во дигиталната сфера, рече Малион.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови