Промовиран проект за подобрување на управувањето на локално ниво

Од:

Со средства од Европската унија во висина од 2,3 милиони евра кофинасирани од Министерството за локална самоуправа, УНДП во наредните 30 месеци ќе го спроведува проект „Подобрување на управувањето на локално ниво“, чија цел е консолидација на системот на локална самоуправа во Македонија.

Проектот ќе развие системи за мониториниг и евалуација на сите општини во Македонија и модерни ИТ алатки за мерење на задоволството на граѓаните за услугите кои ги даваат општините. Неговите активности се поделени во три меѓусебно поврзани компоненти од кои првата е подобрување на веќе децентрализираните надлежности. Втората е обезбедување помош на општините да преземат нови услуги согласно со инклузивните планови за развој. Во нејзини рамки ќе бидат поддржани 30 мали рурални општини со проекти во висина до 25.000 евра. Третата компонента е развивање на капацитетите на општините за обезбедување доволно приходи за испорака на сите потребни јавни услуги и со неа се предвидува обука на општинскиот кадар во сите 81 општина со цел да се подобри управувањето со јавните финасии и собирањето даноци.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека ЕУ дава голема важност на процесот на децентрализација во Македонија и постојано го помага.

– Нивото на самоуправа што го уживаат локалните власти е основа за вистинската демократија, сепак, правните овластувања да вршат определени фунцкии се недоволни доколку локалните власти немаат финансиски ресурси да го прават тоа. Од тие причини потребно е да има адекватен сооднос помеѓу финансиските ресурси кои се достапни на локалните власти и функциите што ги вршат. Овој однос е особено важен за функциите кои неодамна им се доделени на локалните власти, рече Жбогар.

Тој посочи дека финансиската децентрализација претставува главен аспект на процесот на пренесување функции од централно на локално ниво.

– На некој начин постигнати се важни резултати во овој процес во Македонија и општините добиваат можност да ги зголемат приходите и да имаат фискални овластувања, но сепак се потребни уште дополнителни подобрувања во собирањето на општинските даноци, а некои општини се уште имаат и значителни долгови. Затоа е потребно дополнително подобрување на финансирањето на функциите кои ги вршат општините, а особено за новите задолженија кои ги добиваат. Тоа претставува проблем за помалите и посиромашните општини, потенцира Жбогар и ја охрабри власта да продолжи со процесот на децентрализација.

Министерот за финасии Драган Тевдовски посочи дека фискалната децентрализација се одвива во фази и при тоа има бројни проблеми кои се решаваат и додаде дека треба да биде поддржан преку развивање на потранспарентна рамка за распределба на трансферите од државниот буџет.

– Тоа се пред се подобрување на сопствените приходи на општините, инфраструктура, развој на транспарентна и одговорна општинска администрација, обезбедување ефективни јавни услуги на локално ниво, подобрување на услугите на комуналните претпријатија и локалните јавни установи во образованието, културата и детската заштита, рече Тевдовски.

Нагласи дека Министерството за финасии во текот на минатата недела ги објави доспеаните, а не платени обврски на локалната самоуправа, а започна и со објавување на извршувањето на буџетот по општини месечно или квартално, податоци што, како што рече, досега не и беа достапни на јавноста.

– За успешно спроведување на реформите на фискалната децентрализација првенствено е важно да се зајакне приходната самостојност на општините и да се зголемат можностите за пристапот до пазарите на капитал, како и да се развие стабилен систем за финансиско управување и независна внатрешна контрола и ревизија. Потребно е и воведување на потранспарентни буџетски процедури и зголемена отчетност на општините, посочи Тевдовски.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу потенцира дека од 2005 година е отпочнат трансферот на надлежности и ресурси на локално ниво, а 12 години подоцна евидентна е потребата од посистематска поддршка со лоцирање на слабостите и предлагање мерки кои нема да бидат ад хок решенија со краток век.

– Мониторирањето на функционалноста на локалната самоуправа е одговорност на МЛС со цел да им помогне на општините да одговорат на потребите на граѓаните на квалитетен, ефикасен и иновативен начин, рече Фазлиу и додаде дека сите граѓани имаат право да учествуваат во донесувањето на одлуките, а одговорност на властите е да ги консултираат за нивните потреби и приоритети.

Потенцира дека со инклузивен начин на управување се подигнува квалитетот на услугите и се зголемува задоволството на граѓаните.

– МЛС во наредниот период има за цел да воспостави систем на следење на функционалноста на локалната самоуправа и да работи на зајакнување на капацитетите на општините за социјален и економски развој. Преку воведување нови механизми за управување со локалните работи сакаме да создадеме амбиент на зголемена транспарентност и отчетност во работењето, проширување на обемот на електронски услуги за граѓаните во сите општини, рече Фазлиу и додаде дека за тоа е важно да се подобрат капацитетите на општините за прибирање на локалните даноци, како и за транспарентно управување со јавните финансии.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон посочи дека целта на проектот е подобрување на општинското владеење.

– УНДП речиси две децении интензивно работи на локално ниво со проекти спроведени во секоја општина во Македонија и сме партнер за спроведување на идејата за децентрализација уште од првиот ден. Проектот што го лансираме денеска се формираше повеќе години и со него почнуваме кога новата Влада децентрализацијата ја назначи за врвен приоритет и вети дека ќе го зголеми финансирањето за спроведување на одговорностите на општините, рече Винтон.

Потенцира дека е битно да се обезбеди инклузивно и партиципаторно учество на сите нивоа.

– Постигнат е голем напредок во Македонија при пренесувањето на централните одговорности на локално ниво, но многу општини, особено во руралните средини, имаат потреба од дополнителни средства за да ги задоволат потребите на нивните граѓани, истакна Винтон.

Би можело да ве интересира

ЛДП предлага отповикување на градоначалници и широка расправа по однос на Законот за локална самоуправа

ВМРО-ДПМНЕ: Локалната самоуправа има три пати повеќе доверба од народот за разлика од власта

Пенов: Со изградба на стационар Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион

Ана Ололовска

Пенов: Не сме задоволни од ангажманот на општините во прибирањето на сопствените средства

Ана Ололовска

Пенов: Со барањето за „заедница на албанските општини“ некој сака да лови политички поени

Ана Ололовска

Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа

Ана Ололовска