Промоција на книгата „Кон потеклото на албанскиот национализам“ од Натали Клејер и дебата, во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, ќе се одржи денеска, со почеток во 18 часот во Клубот ГЕМ, во Старата чаршија.
Натали Клејер е една од најеминентните истражувачи на идентитетските и религиските прашања на Балканот. Таа е раководител на истражувања во Националниот центар за научни истражувања (CNRS) во Центарот за турски, османлиски, балкански и централноазиски студии (CETOBAC) и професор на влијателната школа за општествени науки (EHESS), која што во многу нешта ја редефинираше современата историографија. Нејзини поважни публикации се Conflicting Loyalties in the Balkans (2011) и L’autorité religieuse et ses limites en terres d’islam (2013).
Во делото „Кон потеклото на албанскиот национализам“ со цел да го разбере процесот на создавање на идејата за албанската нација и албанскиот национализам во деветнаесеттиот век, проф. Клејер прави сеопфатен и детален пресек на општеството не само во Албанија, туку и пошироко на Балканот и Османлиската империја. „Кон потеклото на албанскиот национализам“ досега е преведена на албански, грчки и турски јазик.
Гостинка на настанот ќе биде авторката на книгата, а покрај неа збор ќе земат и Петар Тодоров од Институтот за национална историја и Istanbul Şehir University, Рамадан Рамадани, историчар, и Шкељзeн Малиќи, публицист кој ни доаѓа од Приштина. Настанот ќе го модерира Ирена Стефоска од Институтот за национална историја.