Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат (НАкС) сметаат дека Предлог-законот за високо образование, кој Владата го достави до Собранието, е значаен исчекор во уредувањето на материјата на високото образование, особено во поглед на уредувањето на автономијата и на слободата на академската заедница, системот за обезбедување квалитет на високото образование и напредувањето во академската кариера.
Генерална оценка за нив е дека Предлог-законот за високо образование создава основа за подобрување на квалитетот на високото образование во Република Македонија, но сметаат дека содржи и одредени недоречености за кои се надеваат дека ќе бидат отстранати на собраниската расправа.
Според нив, законот треба да ја зајакне кадровска автономија на универзитетите како неразделив сегмент од уставно загарантираната автономија и јасно да ги одреди правилата за формирање на платите на наставниот кадар во јавните високообразовни установи.
– Во одредбите треба да се додаде и правило дека за вработување во јавните високообразовни установи, согласно актите за систематизација за место за кое претходно било дадено одобрение, односно биле обезбедени финансиски средства, а кое се испразнило поради престанок на работен однос на вработеното лице, не е потребно повторно одобрение од страна на надлежните органи, доколку новото вработување се реализира во рок од една година од престанокот на работниот однос и доколку новото вработување е на истата научна, односно уметничка област, наведуваат Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат.
Во поглед на финансирањето на јавните високообразовни установи, нивниот став е дека законот треба да го определи минималниот износ на платите на наставниците, кои би биле соодветни на платите во јавниот сектор а согласно наставно-научните звања и обврска на државата тој износ да се достигне во одреден временски период.