Откако одлуката за основање на новиот универзитет „Мајка Тереза“ доби зелено светло од Собраниската комисија за образование, наука и култура и продолжи во понатамошна парламентарна процедура, а Владата во Собранието предложи Закон за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје.Професорскиот пленум остро реагира на одлуката на Владата за основање нови универзитети.
„Професорскиот пленум смета дека овие одлуки на Владата за основање на нови државни универзитети се погрешни, штетни и сериозно проблематични. Сметаме дека со ваквите одлуки уште повеќе ќе се корпоративизира високото образование и сите јавни добра полека стануваат сопственост на Владата на Р Македонија. Имено, со ваквите одлуки се чини дека Владата на Р Македонија заедно со Министерството за образование и наука сака да ги разори постоечките универзитети и високообразовни институции кои со децении создаваат квалитетни кадри и да ја уништи традицијата на воспоставување стандарди во високото образование во Република Македонија.
Некои од причините за нашата загриженост се следниве:
Република Македонија со сета своја задолженост нема финансии за одржување на седум државни универзитети.
Во Република Македонија, со сиот одлив на мозоци и млади луѓе кои заминуваат од државата, нема доволно студенти за да опстанат сите формирани универзитети. Бројот на студенти во Македонија е конечен и ограничен. Многу од факултетите ни сега не успеваат да ги наполнат уписните квоти.
Во моменов, во Република Македонија – држава со околу два милиони жители – работат 23 државни и приватни Универзитети и Виши школи во 15 градови, на кои има 135 факултети и 466 наставни програми. Со новите планирани универзитети, бројката ќе изнесува 140 факултети и 480 наставни програми.
Бројот на доктори на науки во Република Македонија е конечен и ограничен, а бројот на доктори на науки надвор од постојните ВОУ и од постојните научни институции е мал.
Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука не направија соодветна анализа за потребите на кадрите кои ќе се произведуваат на новите универзитети ,,Мајка Тереза“ и ,,Дамјан Груев“.
Професорскиот пленум прашува дали и зошто ни се потребни нов Медицински факултет, нов Правен факултет, Институт за информатички технологии покрај постоечките факулети за информатичка технологија и информатички науки, нова Воена и Воздухопловна академија, нов Факултет за безбедност, копнена војска, сајбер безбедност, и Факултет за мировни студии и кризен менаџмент.
Професорскиот пленум стравува и се прашува дали како држава се подготвуваме за војна, па овие кадри ни се неопходни.
Поради околностите опишани погоре и фактот дека се отвораат нови универзитети, на локации некогаш и на само два километри далечина од постоечките универзитети, Професорскиот пленум смета дека тенденциозно и намерно се оркестрира слабеење на постојните универзитети.
Јасно е дека Р. Македонија треба да работи на конкурентноста на сегашните универзитети на светските ранг листи. Но, наместо моменталните начини на вештачко подигнување на квалитетот на високото образование, сметаме дека треба да се бориме за зајакнување на капацитетите на нашите постојни универзитети и високообразовни установи. Треба да се бориме за задолжително финансирање и испраќање на постојните наставно-научни кадри на краткотрајни научни престои на престижни универзитети со цел да донесат поголеми знаења, подобри пракси и стручност од светот, за потоа тие да креираат соработка со престижните универзетити во светот. Со ова би се овозможило да бидеме попривлечни за странски визитиг професори со што и нашите студенти би имале директна корист. Но, за жал, наместо да се бориме нашите постојни универзитети и ВОУ да се издигнат на светските ранг листи, Владата на Р Македонија со помош на избрани македонски научници кои живеат и работат во странство, се одлучува да ги ослабнува и намалува дејностите и капацитетите на постојните високообразовни установи.
Сето ова е понатомошен поттик Професорскиот пленум да инсистира да се спречи разводнувањето на академските и стручни ресурси, расејувањето на академската инфраструктура по десетици недоопремени мини библиотеки, лабаротории, предавални, читални, работилници, како и намножување на административни кадри на овие нови високообразовни институции. Наместо тоа, ПП смета дека е неопходно сериозно да се зајакне фиансирањето на веќе постоечките високообразовни и истражувачки установи кои веќе се децении се изложени на срамно живуркање и несоодветно финансирање.
Професорскиот пленум нема да отстапи од своите барања за поголема вклученост на академската заедница во одлуките кои директно ја засегаат.
Професорскиот пленум бара итно да се поништат одлуките за формирање нови универзитети.“, пишува во реакцијата на Професорскиот пленум.